ВЛАДАТА УШТЕ РАЗГЛЕДУВА КАКО ДА ГО ЗАМЕНИ МЕРЦЕДЕСОТ НА ГРУЕВСКИ ЗА АМБУЛАНТНИ ВОЗИЛА

    ВЛАДАТА УШТЕ РАЗГЛЕДУВА КАКО ДА ГО ЗАМЕНИ МЕРЦЕДЕСОТ НА ГРУЕВСКИ ЗА АМБУЛАНТНИ ВОЗИЛАПремиерот Зоран Заев пред еден и пол месец на централниот митинг во Скопје за локалните избори најави дека Владата нема да го користи мерцедесот, туку тој ќе се замени за амбуланти возила-Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред новинарите го покажува мерцедесот (Фото: СДК.МК)

    Владата уште разгледува како да го замени луксузниот мерцедесот од 600.000 евра, купен од МВР  за поранешниот премиер Никола Груевски.

    „Владата на Република Македонија ги разработува сите технички аспекти околу реализација на процесот на замена на мерцедесот со амбулантни возила. Јавноста ќе биде детално и транспарентно информирана веднаш после утврдување на деталите за овој процес“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Владата.

    Премиерот Зоран Заев пред еден и пол месец на централниот митинг во Скопје за локалните избори најави дека Владата нема да го користи мерцедесот, туку тој ќе се замени за амбуланти возила за клиниките.

    „Да ви најавам дека тенкот, мерцедесот на Груевски од 600.000 евра ќе го вратиме и со парите ќе купиме амбулантни возила за клиниките“, рече Заев.

    За набавката на луксузниот мерцедес по желба на Никола Груевски, Специјалното јавно обвинителство го води случајот „Тенк“. Во „Тенк“ ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и помошник-министерот за јавни набавки во МВР Ѓоко Поповски се обвинети за Злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи со набавката го оштетиле буџетот за повеќе од половина милион евра. Експремиерот Никола Груевски е обвинет за примање противзаконита награда.

    Според СЈО, „во конкретниот случај постои основано сомнение дека со цел да ја исполнат желбата на тогашниот премиер, за набавка на специјален тип на патничко моторно возило, Јанкуловска го поттикнала Поповски да ја искористи својата службена положба и овластувања и при вршење на јавни набавки, незаконски да повласти – фаворизира определен економскиот оператор и да се набави возило од тој тип“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира