ВЛАДИКАТА АГАТАНГЕЛ НЀ НАРЕЧЕ АНТИХРИСТИ, А ДЕМОНСТРАНТИТЕ ПО ГРЕШКА НЀ ВИКАА АНТИФАШИСТИ, СВЕДОЧЕШЕ ШИПОВИЌ ЗА НАСИЛСТВАТА ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР

    ВЛАДИКАТА АГАТАНГЕЛ НЀ НАРЕЧЕ АНТИХРИСТИ, А ДЕМОНСТРАНТИТЕ ПО ГРЕШКА НЀ ВИКАА АНТИФАШИСТИ, СВЕДОЧЕШЕ ШИПОВИЌ ЗА НАСИЛСТВАТА ВО ОПШТИНА ЦЕНТАРПоранешниот претседател на Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ денеска сведочеше за насилствата од јуни 2013 година. - Шиповиќ пред Основниот суд Скопје 1 (Фото: МИА)

    Оштетениот и сведок, поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, денеска сведочеше во Кривичниот суд за предметот на СЈО „Насилство во Општина Центар“, опишувајќи ги детално насилствата што ги претрпеле во јуни 2013 година советниците на СДСМ за време на демонстрациите против непостоечкото уривање црква.

    „Демонстрантите на првата седница почнаа првин со раце да удираат по бараката, па јас како претседател морав често да ја прекинувам седницата. Одвнатре советниците на ВМРО-ДПМНЕ постојано ги координираа преку мобилен телефон. Насилното однесување ескалираше, а полицијата занемуваше. Отидов во канцеларијата на градоначалникот Андреј Жерновски и таму го затекнав командирот на полициската станица ’Беко‘. Демонстрантите бараа градоначалникот да им се обрати. Командирот ни рече да излеземе двајцата слободно, дека ја гарантира нашата безбедност. Но, вработен во општината рече: ’Чекај, јас да видам првин надвор што се случува‘ и по кратко време се врати цел распартален, па рече: ’Бегај, овие маваат‘. Излегов сам, сакав да им објаснам дека нема на дневен ред уривање на никаква црква, дека се изманипулирани, но се вдадоа кон мене. Јас избегав накај полицијата, се откажав“, сведочеше Шиповиќ.

    Понатаму тој продолжи: „Тој ден владиката Агатангел даде проглас дека ние од СДСМ сме безбожници и антихристи, што лично ме навредуваше, иако сум атеист, а пак демонстрантите по грешка нè нарекуваа антифашисти“.

    Потоа, Шиповиќ сведочеше за продолжението на седницата по неколку дена, кога беше искршена општинската барака, каде што се одржуваше седницата и беше повредена советничка од СДСМ во окото и кога конечно Единицата за брзо распоредување го разби протестот на демонстрантите, кои се претставуваа дека се од невладина организација „Веритас“.

    Како и изминатите две години, додека се влече овој најстар предмет на СЈО, обид за одложување имаше и денеска, но судијата Душан Јосифов, сепак одлучи да го продолжи процесот за нарачка на насилства и шамари за Жерновски, во кој се обвинет поранешниот премиер Никола Груевски, ексминистерот Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште осуммина други.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира