Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас вели дека Грција со своето искуство ќе ѝ помага на Македонија во евроатлантските интеграции, бидејќи, како што кажа на заедничката прес-конференција со македонскиот колега Никола Димитров во МНР, влегувањето на Македонија во НАТО ќе биде олеснување за нашите животи.
„Се радувам за многу позитивните резултати што ги имавме од мерките за градење добрососедски односи. Односите се развиваат многу добро подобро отколку со кој било друг сосед. Грција ги поддржува со сите сили стабилноста и суверенитетот на оваа пријателска северна земја. Вашата стабилност ја храни нашата стабилност, а нашиот развој го храни вашиот развој. Сакам да нагласам дека Грција е за стабилност на нашите земји и нашите врски. Исто така, ние длабоко веруваме дека влегувањето на Западниот Балкан, а посебно на вашата пријателска земја во НАТО ќе биде олеснување за нашите животи и ќе помогне за развојот на целиот регион“, изјави Коѕиас.
Димитров кажа дека со Коѕиас разговарале за разликите со името, но за тоа како ќе се одвива процесот на решавање на проблемот.
„Разговаравме за процесот. Како ќе се одвива процесот, за методите и модалитетите, но разговаравме и за тоа што се точно интересите и грижите на двете страни по ова прашање со цел да има поголемо разборање во однос на тоа како двете страни го прецепираат проблемот“, рече македонскиот министер за надворешни работи.
Коѕиас денеска ќе се сретне и со премиерот Зоран Заев и со претседателот на Собранието Талат Џафери.