ВМРО-ДПМНЕ БАРА СО АМНЕСТИЈАТА НА ОСУДЕНИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ ДА ЗАПРАТ СИТЕ ИСТРАГИ ПРОТИВ НАСИЛНИЦИТЕ ОД 27 АПРИЛ

    ВМРО-ДПМНЕ БАРА СО АМНЕСТИЈАТА НА ОСУДЕНИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ ДА ЗАПРАТ СИТЕ ИСТРАГИ ПРОТИВ НАСИЛНИЦИТЕ ОД 27 АПРИЛ„Овој чин ќе придонесе кон помирување во Македонија и релаксирање на политичките тензии“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ. - Од нападот во Собранието на 27 април (Фото: СДК.МК)

    Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе амандман на законот за амнестија кој е во подготовка, со кој ќе предложи да престане кривичното гонење на сите насилници од 27 април во Собранието, ослободување на осудениот кубач на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, како и ослободување на сите притворени насилници од 27 април.

    Со предлог законот за амнестија, кој уште не е влезен во собраниска процедура, се предлага намалување за 30 отсто од затворската казна на правосилно осудени лица, кои не се на листата на 20-ина тешки кривични дела, за кои, според предлог-законот, не може да има амнестија. Ова што го предлага партијата на Никола Груевски, се постапки кои сѐ уште се во фаза на истрага, освен постапката на кубачот на Шеќеринска.

    „СДСМ ги ослободи од затвор Агим Красниќи од Кондово, затворен за серија тешки криминални дела, Бајруш Сејдиу од Куманово осуден исто така за повеќе кривични дела, Велија Рамковски од Скопје осуден за поголем број кривични дела, од притвор го ослободи и му овозможи божемен куќен притвор на Сеад Рахиќ, осомничен за растурање и продавање дрога, кого јавноста пред само три дена го виде во улога на напаѓач на претседателот на партијата ГРОМ и група нејзини членови, како и плејада други осудени или осомничени криминалци за тешки кривични дела“, наведува во соопштението Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

    Без да спомене дека пресудата за „Монструм“, според обвинителството, не е поткрепена со докази за вина на осудените, за пример го зема и барањето на обвинителството, „да побара укинување на судската извршна пресуда против лицата кои извршија свирепо убиство на 5 млади лица додека ловеле риба во Смилковското езеро, случај познат во јавноста како Монструм, чие судење и пресуди завршија не само пред Кривичниот суд, туку беа потврдени и од Апелациониот суд“.

    ИК на ВМРО-ДПМНЕ соопштува дека од овие причини пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман на законот за амнестија или ќе предложи посебен закон за прекин на постапката и ослободување на лицата учесници во немилите настани од 27 април 2017.

    „Со ова партијата не го менува својот став во правец дека физичкиот напад врз пратениците беше голема грешка на дел од демонстрантите, ниту пак се повлекува од неговата осуда, но смета дека правично е да се ослободат и овие лица. Сметаме дека овој чин ќе придонесе кон помирување во Македонија и релаксирање на политичките тензии“, вели раководството на партијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира