ВМРО-ДПМНЕ БАРА И ГРЦИЈА ВО УСТАВОТ ДА ВМЕТНЕ ОДРЕДБА ДЕКА НЕМА ТЕРИТОРИЈАЛНИ ПРЕТЕНЗИИ КОН СОСЕДИТЕ

    ВМРО-ДПМНЕ БАРА И ГРЦИЈА ВО УСТАВОТ ДА ВМЕТНЕ ОДРЕДБА ДЕКА НЕМА ТЕРИТОРИЈАЛНИ ПРЕТЕНЗИИ КОН СОСЕДИТЕ„Договорот од Преспа не предвидува Грција да вметне ваква одредба. Не е тајна дека ние сме страната на која и треба повеќе договорот, отколку на Грција“, рече министерот за надворешни работи на расправата за третиот амандамн за уставните измени согласно Договорот за името со Грција (Фото: СДК.МК)

    Во собраниската Комисија за уставни прашања продолжи расправата по третиот амандман (35) за уставните измени во врска со Договорот за името со Грција. Со овој амандман се зацврстува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.

    Владејачкото мнозинство во дискусиите тврдеше дека со амандманот 35 се потврдува дека Република Македонија и Грција немаат територијални претензии, дека го почитува нивниот суверенитот, територијалниот интегритет и политичка независност. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа да се тргне овој амандман, оти бил непотребен, бидејќи Македонија немала и нема територијални претензии кон ниту една соседна држава.

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров во образложението на амандманот рече дека со овој амандман се зацврстува довербата и се гарантира непроменливоста на границата со Грција.

    „Кога спомнав вчера дека сме Македонци, тоа го спомнав во дебата со пратеник на Нова Демократија во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. Тој ме праша, сега после Договорот, ако се заврши овој процес што ќе бидете вие? Јас му кажав дека ќе бидам Македонец, кој ќе зборува македонски јазик, дека тоа е неспорно мое право на самоопределување и самоидентификација, дека по Договорот по членот седум сме успеале да најдеме начин оти кога ќе се кажеме ние како Македонци тука во нашата држава, не мислиме на истото што го мислат Грците кои се идентификуваат како Македонци“, рече Димитров.

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски, рече дека по завршување на целата постапка за донесување на уставните измени, ние нема веќе да бидеме Mакедонци, нема да бидеме Република Македонија, ќе бидеме Република Северна Македонија.

    „Во Уставот ќе пишува дека ние самите се соглaсивме да бидеме Република Северна Македонија. Можеме да кажуваме дека бевме под притисок, дека таква е политичката консталација, дека големите сили така размислуват, дека ЕУ и НАТО бараат услов од нас за да влеземе во тие сојузи, сето тоа може да го кажеме, меѓутоа историски да се потсетиме и нашите предци биле под некои притисоци биле под притисоци пет века“, рече Илиоски и додаде дека јачината на македонскиот народ е во тоа што тој никогаш „не се се откажал од исконското дека сме Македонци и дека ова е Македонија“.

    „Се прекршија многу закони и многу законски чекори. Владата иницира референдум, бил консултативен не бил обврзувачки. Да не заборавиме луѓе, ние сме тука во овие клупи по избор на граѓаните, граѓаните нас нè делегирале да бидеме овде. Владата е избрана преку нас од граѓаните. Сега, кога на референдум за важно прашање граѓаните ти испраќаат порака дека не сакаат да го променат името, односно не сакат да го прифатата Договорт со Грција, Владата менува реторика и вика оставете ги сега граѓаните“, рече Илиоски.

    Тој го праша министерот за надворешни работи дали е предвидено и Грција д го смени Уставот и да вметне ваква одредба. Димитров одговори дека не е тајна оти во Договорот од Преспа не е предвидено и Грција да вметне ваква одредба.

    „Договорот од Преспа не предвидува Грција да вметне ваква одредба. Не е тајна дека ние сме страната на која и треба повеќе договорот, отколку на Грција. Тие се членки на ЕУ, на НАТО. Се обидувавме да најдеме некакво решение. Во преговорите, секогаш страната што има алтернатива е во подобра позиција. Со Договорот од Преспа Грција доби повеќе, но и Македонија доби повеќе“, одговори министерот Димитров на прашањето на Илиоски.

    И за пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Благоја Деспотовски е спорно што со овој амандман на сите соседи им нудиме искрено пријателство, им ја гарантираме безбедноста, суверенитетот, а не бараме истото тоа и тие да го направат.

    Досега пратениците ги утврдија амандманите 33 и 34, со кои се додава придавката Северна на Република Македонија и се тргаат одлуките на АСНОМ од Преамбулата, а се додаваат Прогласот од АСНОМ до македонскиот народ и Рамковниот договор. Се очекува расправата по третиот амандман да заврши и да се гласа денес.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира