Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието поднесоа предлог за измена на законите за патни исправи и за безбедност во сообраќајот на патиштата. Возачките дозволи кои се без „Северна“ од утре нема да важат, ниту пак ќе може со неистечени пасоши со „Република Македонија“ да се излезе од државата.
Според предложените измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возачките дозволи ќе важат до 31 декември 2024 место како што е во постоечкиот закон, до 12 февруари 2024.
„Не го прекршуваме Преспанскиот договор во предлог-измените. Овде велиме ‘во рамки на технички функционални и возможни, објективни услови кои што ги имаме да го усогласиме истиот согласно возможното и реалното’. Со тоа што ние ќе забраниме излез на македонските граѓани и ќе ги затвориме на територија од 26.000 километри квадратни кршиме Европска конвенција за човекови права, меѓународен пакт, кршиме Универзална декларација за човекови права, го кршиме нашиот Устав, кршиме веќе донесени пресуди од Стразбур“, вели министерот Панче Тошковски.
- ВОЗАЧКИТЕ ДОЗВОЛИ БЕЗ „СЕВЕРНА“ НЕМА ДА ВАЖАТ НИ ВО ЗЕМЈАВА ПОСЛЕ 12 ФЕВРУАРИ, СО СТАРИ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ВОЗИ
- НИКОЈ НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ КАЗНЕТ ПОРАДИ НЕПРОМЕНЕТА ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА БЕЗ СВОЈА ВИНА, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ
Портпаролот и пратеник на СДСМ Дарко Каевски утрово исто така најави дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе предлог за законски измени со кои ќе им биде продолжена важноста на возачките дозволи, сообраќајните дозволи, осигурителните полиси и сообраќајните книшки.
Претседателот на Собранието Јован Митрески кажа за денеска во 15ч свика итна собраниска седница на која треба да се донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот и на други закони коишто ќе се однесуваат на важноста на возачките дозволи, со досегашното име. Во интервју за МИА претседателот на Собранието Митрески истакна дека претпладнето имал средби со координаторите на пратеничките групи, со министрите и со премиерот на техничката Влада Талат Џафери.
„Според тоа што зборувавме досега на досегашните состаноци станува збор за измени во Законот за безбедност во сообраќај и секако ако треба да се направат и соодветни измени во други закони за тоа што се јавува како проблем со возачките дозволи, односно нивната важност“, рече Митревски и додаде дека побарал да се изнајде заедничко решение за овој проблем, кој произлезе од потребата за менување на името на државата во возачките дозволи, личните карти и патните исправи.
А. АНТЕВСКА