ВМРО-ДПМНЕ ГО ОГРАНИЧИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ПАРТИЈАТА НА ТРИ МАНДАТА, ГРУЕВСКИ ВЕЌЕ НЕ Е ПОЧЕСЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ

    ВМРО-ДПМНЕ ГО ОГРАНИЧИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ПАРТИЈАТА НА ТРИ МАНДАТА, ГРУЕВСКИ ВЕЌЕ НЕ Е ПОЧЕСЕН ПРЕТСЕДАТЕЛСпоред новиот статут на партијата, претседателот може да се задржи на функцијата најмногу три мандати и тоа под услов да третиот мандат е избран од страна на партиските органи и тела со 2/3 мнозинство. - Христијан Мицкоски (Фото: СДК.МК)

    ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната седница на Централниот комитет донесе измени на својот на статут според кои претседателот на партијата, претседателите на општинските комитети и претседателите на други партиски тела можат да се задржат на функцијата најмногу три мандати и тоа под услов за третиот мандат да бидат избрани со двотретинско мнозинство.

    „ВМРО-ДПМНЕ на Претседателот на партијата, Претседателите на Општинските Комитети, како и на претседателите и членовите на сите органи и тела кои се бираат на конгрес, согласно новиот Статут им го ограничува мандатот на 4 години, при што максимум на истата функција, кој и да било од овие функционери може да се задржи најмногу три мандати и тоа под услов да третиот мандат е избран од страна на партиските органи и тела со 2/3 мнозинство. Исто така со овој Статут, мандатот на сите останати партиски функционери во сите органи и тела на партијата се ограничува на 2 години“, изјави Панче Тошковски, претседател на статутарната комисија при ВМРО-ДПМНЕ по седницата на ЦК.

    Одговарајќи на новинарско прашање дали поранешниот премиер Никола Груевски останува почесен претседател, Тошковски рече статутот веќе не предвидува таква функција.

    „Во однос на почесни членови и почесни претседатели овој статут на ВМРО-ДПМНЕ такво нешто не предвидува односно ниту Никола Груевски, ниту било кој друг поранешен почесен претседател повеќе согласно овој статут не се почесни претседатели. Такво нешто статутот не предвидува“, кажа Тошковски.

    Тој рече дека измените на статутот се донесени во насока на поголема демократизација на партијата, пренесување на поголеми надлежности над членството и органите и телата на партијата, следејќи ги современите искуства на големите европски десничарски партии.

    Прашан за барањата на некои членови на ВМРО-ДПМНЕ лидерот да си поднесе оставка, Тошковски рече дека Христијан Мицкоски е првиот претседател на една политичка партија на Балкан коj самиот себеси си ја ограничува можноста за да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ и е пример за еден современ европски политичар.

    Седницата на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се одржа нецела недела по предвремените парламентарни избори на 15 јули,  на кои што коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 44 пратеника, два помалку од коалицијата на СДСМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира