Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат во дебатата за Предлогот за уставни измени на собраниската Комисија за уставни прашања, што претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа за 25 јули во 10 часот. Станува збор за предлогот за вметнување на Бугарите, Хрватите, Црногорците, Словенците, Евреите и Египќаните во Преамбулата на Уставот.
„Пратениците ќе учествуваат во дебатата, каде јасно ќе ги кажат аргументите против уставните измени и набргу ќе стане јасно дека за нив власта нема мнозинство“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ за државната агенција МИА.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред неколку дена кажа дека рече дека ќе се консултира со пратеничката група за тоа како таа ќе настапува на Комисијата и на пленарната седница закажана за 18 август. Тој вчера изјави кажа дека по излегувањето во јавност и по доставувањето на Предлогот за измена на Уставот до Собранието, драматично се влошува позицијата на Македонија и оти тоа ќе има влијание и во иднина. Единствен консензус што може да се направи со власта и со премиерот Димитар Ковачевски, рече тој, е за датум за избори.
Како што соопштија од Собранието, се очекува работата на Комисијата за уставни прашања да заврши помеѓу 7 и 9 август, по што, предлогот ќе се разгледува на пленарна седница, на која дебатата трае до 10 работни денови.
Владата во вторникот до Собранието го достави Предлогот за уставни измени. Интервенциите во Уставот, како што посочија од Владата, се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: „бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ“. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.
„Доколку, со двотретинско мнозинство, се усвои потребата за донесување на уставни измени, Собранието усвојува Заклучок и го праќа материјалот до Владата на Република Северна Македонија. Собранието, со Заклучокот утврдува рок во кој подносителот (Владата), изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот, кој го доставува до претседателот на Собранието, по што Собранието во истоветна процедура во смисла на рокови ќе расправа по нив“, велат од Собранието.
Намерата на власта е уставните измени да се донесат до ноември, кога завршува скринингот на ЕУ и тогаш треба да се одржи втората Меѓувладина конференција.