Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ едногласно изгласа резолуција за осуда на политичкиот прогон врз партијата од СДСМ, но присутните над 400 делегати, поставената кутија за собирање донации за помош на, како што ги нарекуват „неправедно притворените уставобранителите од 27 април 2017 година“ само ја одминуваа, без да стават пари.
Пред влезот на Домот на култура „25 мај“ во Валандово, каде на 22 и 23 декември се одржа партискиот конгрес за избор на наследник на Никола Груевски за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, беше поставена кутија над која пишуваше место за донации за неправедно притворените уставобранители од 27 април 2017 година.
Првиот ден кутијата беше поставена десно од влезот, а вториот таа беше преместена од левата страна веднаш до влезната врата. огромен дел од присутните над 400 делегати, два дена ја одминуваа, без да ја забележат кутијата.
Во ниеден документ што се усвои на конгресот не беше објавена сумата што беше собрана во кутијата. Ниту работното претседателство кое го водеше конгресот не сопшти колку пари се собрале.
Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ изгласа резолуција за осуда на сите политички прогони на Специјалното јавно обвинителство и на Основното јавно обвинителство, како и за настаните од 27 април 2017 година, претставувајќи ги како политичка хајка без правна основа.
Резолуцијата ја прочита Дијана Трнталовска, една од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, која претходно беше потпишана на иницијативата за одложување на конгресот поднесена од видни партиски функционери, но се премисли и учествуваше на конгресот.
„Тоа е груба злоупотреба и притисок врз судството и врз судските постапки на СДСМ, која се базира на омраза, реваншизам а не врз правна основа. Партиските органи да направат ревизија на сите постапки на неоснованиот политички прогон и ако утврди дека нема одговорност, да се казнат чинителите за неоснованиот прогон“, стои во резолуцијата.
Г. ТРПЕНОСКИ