ВМРО-ДПМНЕ од утре, секој ден ќе блокира три крстосници во Скопје од 15 до 17 часот. Блокади ќе има и во 10 други градови.
Како што кажа денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, протестите се единствен начин да се спречи барањата на Бугарија да станат дел од преговарачката рамка со ЕУ и на тој начин проблемот што го имаме со Софија да стане проблем со ЕУ. Мицкоски рече дека тоа го дознал од високи дипломатски извори од Брисел и Софија.
„Ова може да се спречи само на еден начин, а тоа е јавноста со својата критика, но истовремено народ на улиците. Во рамките на тоа, ВМРО-ДПМНЕ од утре, секој ден ќе ги блокира на три места Скопје и уште 10 градови во Македонија во периодот од 15 до 17 часот, сè додека на јавноста не ѝ биде покажан документот, патоказ или како сакате наречете го, кој што го преговара двоецот Заев – Бучковски со официјална Софија, а се однесува на прифаќање на декларацијата која што е усвоена во бугарскиот Парламент во 2019 година да биде дел од преговарачкиот процес.“, изјави Мицкоски.
Блокирани ќе бидат крстосниците кај Собрание, „Мавровка“ и кај поранешна „Нова Македонија“.