ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесе интерпелација за министерката за труд и социјална политика Мила Царовска поради најавената стратегија за мигранти и бегалци.
„Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска не ги консултираше граѓаните и тие не се запознаени со стратегијата, а ниту се консултирани општините, туку се ставени пред свршен чин, затоа бараме интерпелација”, рече Влатко Ѓорчев на денешната прес-конференција во Собранието.
Министерството за труд и социјала вчера ги нарече лажна вест информациите дека државата ќе гради станови за бегалците и дека тие ќе останувале во Македонија.
„Лажна вест е дека државата ќе гради станови за бегалците и дека тие ќе останувале во Македонија. Во Република Македонија нема да се градат кампови за бегалци, нема да се даваат државјанства за бегалци, ниту пак ќе се активираат некои други мерки во таа насока. Секоја информација во поинаква насока е лага, неточна и невистинита“, соопшти министерството, додавајќи дека Македонија е транзитна земја за бегалците и како членка на Обединетите нации, Македонија ќе ќе им помогне на бегалците на нивниот пат кон крајните дестинации, согласно меѓународните стандарди и ратификуваната Конвенција за правата на бегалците од 1994 година.