ВМРО-ДПМНЕ ПРЕДЛАГА ИДНАТА ВЛАДА ДА ИМА 24 МИНИСТРИ, ЌЕ ИМА НОВО МИНИСТЕРСТВО ЗА СПОРТ

    ВМРО-ДПМНЕ ПРЕДЛАГА ИДНАТА ВЛАДА ДА ИМА 24 МИНИСТРИ, ЌЕ ИМА НОВО МИНИСТЕРСТВО ЗА СПОРТСо овој нов закон ќе има Министерството за економија и труд, кое ќе ги опфаќа дел од ингеренциите на старото Министерство за економија, но ќе му додаде сегментот труд. (Фото: СДК.МК)

    Идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има нови министерства, а исто така дел од постојните ќе се реорганизираат. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски денеска како пратеник во Собранието поднесе Предлог-закон за измена на Законот за организација и работа на органите на државната управа, по скратена постапка. Со тоа идната Влада ќе има 24 члена, односно премиерот и 23 министри, а сегашната брои 20.

    Со овој нов закон ќе има Министерството за економија и труд, кое ќе ги опфаќа дел од ингеренциите на старото Министерство за економија, но ќе му додаде сегментот труд, за да можат работодавачите и работниците да бидат во едно место. Министерството за социјална политика и труд кое беше досега, ќе биде сега Министерство за социјална политика, демографија и млади. Исто така, дел од надлежностите кои ги имаше досега Министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на новото формирано министерство, а тоа е Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

    Дел од ингеренциите кои што ги имаше Министерството за економија во делот на туризмот ќе бидат сега присоединети во Министерството за култура и туризам. Ќе се формира ново Министерство за спорт, наместо досегашната Агенцијата за млади и спорт, која нема да постои.

    Ќе имаме ново министерство кое што ќе има задача да спроведе еден многу важен проект кој што ќе ја зголеми транспарентноста, владеењето на правото ќе го намали основаното сомневање за корупција во рамките на администрацијата, а тоа е Министерство за дигитализација, коешто во суштина ќе ги наследи обврските што ги имаше досегашното Министерство за информатичка технологија и администрација. Ќе имаме, исто така, ново Министерството за администрација, така што мислам дека со една ваква реорганизација ќе добиеме една ефикасност и осовременување на самата Влада“, рече Мицкоски.

    Тој очекува Предлог-законот в петок да се стави на дневен ред на собраниска седница, потоа да го разгледаат комисиите и веќе наредна недела да се изгласа. За овој закон е потребно дво-третинско мнозинство. 

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира