Правни експерти од ВМРО-ДПМНЕ во вторникот на колегите од СДСМ им предале на хартија предлог-измени на Кривичниот законик во поглавјата за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за изборни нерегуларности, што се 90 отсто од предметите кои Специјалното обвинителство ги води против поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.
Со измените, предложено е да се намали висината на казните и, што е поважно за предметите на СЈО, скратување на рокот на застареност на овие дела. Со тоа, полека би застареле сите 15-тина обвиненија, но и многу истраги за тежок финансиски криминал со милионски суми злоупотребени државни пари во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кои СЈО ги има почнато. Истовремено, велат извори од Обвинителствата, би застареле и предистрагите за овие кривични дела што ги имало отворено и редовното Јавно обвинителство.
Измените, како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од Обвинителствата, ги подготвила поранешната заменичка-министер за правда Билјана Бришкоска-Бошковски, која е обвинета во предметот „Титаник“ за изборни нерегуларности заедно со Груевски и поранешното раководство на партијата. Нејзиниот сопруг Дејан Бошковски, ексдиректор на ЕЛЕМ, исто така е обвинет за злоупотреби во случајот на СЈО „Трезор“.
Идејата преку Кривичниот законик да ги остарат обвиненијата на СЈО, во превод е згаснување на тие случаи или постепена амнестија на злосторничкото здружување на Груевски. Кога премиерот Зоран Заев би прифатил таков договор и измените би се изгласале, без оглед на тоа што обвиненијата на СЈО се поднесени по важечкиот Кривичен законик, за нив автоматски ќе важи поблагиот закон.
За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски редовното Јавно обвинителство исто така имало поведено предистражна постапка за злоупотреби на директорската функција во ЕЛЕМ на која беше околу една година.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, Мицкоски вели дека не знае оти имало предлог – закон за измена на Кривичниот законик изготвен од Бришкоска, односно од правните експерти на ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас не знам дека таков предлог некој изработил од ВМРО-ДПМНЕ и дека го дале во СДСМ, односно кај претседателот на Владата Зоран Заев како што велите. Првпат слушам од вас. Јас знам дека имаме изготвено верзија за измени на Законот за финансирање на политичките партии и за почитување на принципот Пржинска влада, за да разговараме за ДИК. За други предлог-измени од наша страна не знам“, ни одговори утринава Мицкоски.
Наспроти изјавата на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ подоцна денеска објави соопштение на својата веб страница во кое вели дека не преговара за амнестија туку „ВМРО-ДПМНЕ единствено за што се залага е подобрување на законските решенија и применување на европските пракси, како и обезбедување на механизми за заштита на изразената волја на граѓаните“.
Премиерот Заев, вчера во изјавата по лидерската средба рече дека компромиси нема за стратешките цели на Република Македонија.
„Амнестија нема да има, ни директна ни индиректна. Ќе дадеме шанса на дијалогот и разговорот додека е возможно“, рече Заев.
С. К. ДЕЛЕВСКА