ВНИМАТЕЛНИ СМЕ ВО ПОДДРШКАТА НА КОСОВО ЗА ВЛЕЗ ВО УНЕСКО, РЕЧЕ ДИМИТРОВ

    ВНИМАТЕЛНИ СМЕ ВО ПОДДРШКАТА НА КОСОВО ЗА ВЛЕЗ ВО УНЕСКО, РЕЧЕ ДИМИТРОВМинистрите за надворешни на Македонија и Косово разговарале за можноста за воведување слободна економска и безцаринска зона меѓу двете земји. (Фото:Ѓ.Личовски)

    Македонија внимателно го третира прашањето за приемот на Косово во УНЕСКО, кажа денес министерот за надворешни работи Никола Димитров, по средбата со неговиот косовски колега Беџет Пацоли.

    „Ако сите сфатиме дека постои само една перспектива, тогаш побргу ќе го изодиме патот пред нас. Република Македонија го третира ова прашање со исклучителна внимателност. Нема да имаме клучна улога затоа што тангира два наши соседа. При одлучувањето ги имаме предвид интересите и на Косово и на Србија, но и интересите на Македонија и на албанската заедница што живее во неа “, рече Димитров.

    Тој кажа дека разговарале за европската иднина на Балканот и дека сите треба да разберат дека не постојат страни, туку дека постои само една перспектива.
    Пацоли рече дека Косово очекува поддршка од Македонија за влез во меѓународните институции, бидејќи има поголема историја и искуство во меѓународните организации.

    „Поради тоа очекуваме поддршка, но и ги поддржуваме напорите за влез на Македонија во НАТО, бидејќи тоа позитивно ќе влијае на стабилноста на нашата земја“, рече Пацоли.
    Министрите за надворешни работи на Македонија и на Косово на денешната средба разговарале и за можноста за воведување слободна економска и безцаринска зона меѓу двете земји.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира