Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.292 и има околу 120 празни болнички кревети во ковид центрите, велат од Министерството за здравство. Оттаму додаваат дека во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Во болниците надвор од Скопје во последните 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 825 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 75 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 56 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 39 пациенти, во Велес се лекуваат 62 болни, а во Куманово 106 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 113, во ковид центарот во Гостивар 49, а во Струга 28 болни. Во болницата во Струмица лежат 95 пациенти, во Кочани 24, во Кичево 17, Кавадарци 41, а во Гевгелија 10 лица позитивни на коронавирусот.
Од Министерството за здравство велат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.