ВО БРОЈКАТА НА ПОЧИНАТИ ОД КОРОНАВИРУС ВЛЕГУВААТ И ТИЕ КОИ УМРЕЛЕ ПРИМАРНО ОД ДРУГА БОЛЕСТ, АМА БИЛЕ ПОЗИТИВНИ, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    ВО БРОЈКАТА НА ПОЧИНАТИ ОД КОРОНАВИРУС ВЛЕГУВААТ И ТИЕ КОИ УМРЕЛЕ ПРИМАРНО ОД ДРУГА БОЛЕСТ, АМА БИЛЕ ПОЗИТИВНИ, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОПокрај начинот на кој се регистрира, од Министерството за здравство целат дека стапката на смртност зависи и од други индикатори како, на пример, општата здравствена состојба на населението. - Погребална служба пред Инфективната клиника во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Во официјалната статистика на починати од коронавирус влегуваат и починатите кај кои пост мортем е детектирано дека починале примарно од друга болест, но биле позитивни и на коронавирусот, одговараат од Министерството за здравство на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК за високиот процент на регистрирани смртни случаи во земјава.

    „Ние од почетокот поставивме стратегија во која на сите пациенти кои починале, вклучително и на оние кои немале симптоми на коронавирус, ќе им биде земен брис. Со ова, пост мортем детектиравме повеќе пациенти кои починале примарно од друга болест, но се покажале и позитивни на вирусот. Тие сите влегуваат во статистиката на починати од коронавирус. Ова не го прават сите земји и заради тоа значително варира смртноста кога се споредува истата меѓу земјите. Ние се одлучивме заради темелен увид во ширењето на вирусот на овој начин детално да ги водиме починатите, но тоа ни донесе и повисок процент на регистрирани смртни случаи“, велат од Министерството за здравство.

    Покрај начинот на кој се регистрира, од Министерството за здравство целат дека стапката на смртност зависи и од други индикатори како, на пример, општата здравствена состојба на населението. Исто така, оттаму велат дека еден од главните индикатори за прераната смртност е фактот што дел од починатите доцна се јавиле кај својот матичен доктор.

    Од досега регистрираните смртни случаи, според официјалната статистика на Министерството за здравство, 6,7% (44) починале во вонболнички услови, а останатите 93,3% (608) починале за време на хоспитализација.

    Директорот на Институтот за судска медицина д-р Александар Станков, во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК во јуни, кажа дека сите лица кои Министерството за здравство ги води како починати од КОВИД-19 не треба да бидат дел од официјалната статистика, затоа што за многумина не може да се утврди која е примарната причина за смртта.

    Тој смета дека најдискутабилни случаи се оние кои се починати надвор од здравствените установи, или се донесени на умирање во болница, а кај кои брисот земен пост мортем покажал присуство на КОВИД-19.

    „За нив не знаеме од што умреле, без да им се направи обдукција“, вели д-р Станков и затоа смета дека „овие случаи или пак други случаи каде имаме сосема друга причина за смрт не можеме и не смееме да ги вклучиме во вкупната бројка на починати лица од КОВИД-19“.

    М.ИЛИОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари