ВО БУЏЕТОТ ИМАШЕ ДУПКА ОД 500 МИЛИОНИ ЕВРА, СО РЕБАЛАНСОТ ОБЕЗБЕДИВМЕ ПАРИ ЗА ПОВИСОКИ ПЕНЗИИ, ИСПЛАТИ НА ПЛАТИ И ПОКРИВАЊЕ ДОЛГОВИ, КАЖА МИНИСТЕРКАТА ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА

    ВО БУЏЕТОТ ИМАШЕ ДУПКА ОД 500 МИЛИОНИ ЕВРА, СО РЕБАЛАНСОТ ОБЕЗБЕДИВМЕ ПАРИ ЗА ПОВИСОКИ ПЕНЗИИ, ИСПЛАТИ НА ПЛАТИ И ПОКРИВАЊЕ ДОЛГОВИ, КАЖА МИНИСТЕРКАТА ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКАПри подготовка на ребалансот се распределиле пари од ставки со слаба реализација и при тоа се обезбедени околу 325 милиони евра.(Фото: Влада на РСМ)

    Со ребалансот на буџетот ќе има пари за повисоки пензии и за исплата на плати за кои пари имало само до јуни, кажа денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа, презентирајќи го ребалансот на буџетот за 2024 кој помина на вчерашната владина седница, кажа дека од претходната власт наследиле катастрофална состојба.

    „Лошата состојба на буџетот ги надмина и нашите очекувања. Затекнуваме состојба која значи држава во хаос и долгови. Буџет кој е список на желби наместо планиран развој, економијата е во клиничка смрт. Повеќе од 32 милијарди денари фалеа во буџетот, имаме многу доспеани обврски и не се пријавувани. Понатаму надлежноста е на другите институции“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

    При подготовка на ребалансот се распределиле пари од ставки со слаба реализација и при тоа се обезбедени околу 325 милиони евра.

    „Вкупните приходи се планирани на ниво од 318 милијарди денари и бележат зголемување за 8 милијарди и 22 милиони денари, односно за 133 милиони евра. Расходите се планирани во износ од 362,8 милијарди денари и тука имаме зголемување на расходна страна од 19,2 милијарда денари или над 300 милиони евра. Со ребалансот се обезбедени 4,1 милијарда денари за плати, од кои 1,1 милијарда денари за блок дотации кои не биле планирани во основниот буџет. Во дел од институциите имаше плати само за до јуни месец. Обезбедени се пет милијарди денари за исплата на пензиите. Морам да напоменам дека средствата за 2024 година би биле доволни доколку декемвриската пензија не била реално исплатена во јануари“, рече Димитриеска-Кочоска.

    Со ребалансот, обезбедени се 5,1 милијарда денари за отплата на кредитите кон странство на Јавното претпријатие за државни патишта, Македонски железници,  ЈСП „Скопје“ и ЕСМ, кои како што кажа министерката не се во состојба да ги враќаат кредитите за кои се издадени државни гаранции.

    Министерката кажа дека во јануари догодина треба да се исплати еврообврзницата во вредност од 500 милиони евра, а истовремено доспеваат и државни хартии во вредност од 136 милиони евра. За да се исплатат овие обврски ќе треба да се земе нов заем.

    „Заемот од Унгарија е со пониска камата, и затоа ќе гледаме да ги обезбедиме тие  пари од Унгарија. Но, ако не успееме ќе мора да одиме со еврообврзница“, кажа министерката.

    Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има пари за зголемување на минималната плата како што бараат синдикатите министерката кажа дека тоа ќе се прави паралелно со разгледување на барањето за зголемувањето на платите во јавната администрација.

    „Побаравме функционална анализа во делот на јавната администрација, ги задолживме институциите да достават функционална анализа. Прво да видиме што се случува таму и паралелно ќе се види што ќе се прави со минималната плата. Како и да е, требаше да има корекција на плата на администрацијата и таа е предвидена во буџетот. Законски имаат право на корекција и таа корекција според законот, ако инфлацијата е над три отсто, разликата меѓу реалната инфлација и тие над три отсто им се додава“, кажа Димитриеска-Кочоска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира