За една и пол година во градинките во Македонија се вработени 1.025 воспитувачки, негувателки и друг потребен кадар, кажа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска при денешната посета во градинката „Орце Николов“ во Општина Карпош. Таа рече дека вчера ја пуштиле последната согласност за 126 нови вработувања, со што ќе го зголемат квалитетот на предучилишното згрижување и воспитување на децата. Таа најави дека работат и на кариерен развој на воспитувачите и негувателите, бидејќи сега кавлитетот на кадарот во градинките е опаднат.
„Не е важно само да се зголеми кадарот во градинките. Важно е што ги зголемивме платите за пет отсто. Работиме на посебна програма за професионален и кариерен развој на воспитувачите и негователите и стручниот кадар во градинките. Тоа значи ако почнете како воспитувач во градинка нема да се пензионирате како воспитувач во градинка, туку што повеќе квалитетен кадар да сака да се вработува во градинките и тие да растат. Ако во Македонија порано негувателка поим било тоа да биде медицинска сестра и да има соодветна плата, тоа сега не е така. Имаме негувателки кои се со средно образование, сега нивото и квалитетот е опаднат во градинките и тоа мора да го признаеме сите. Сите критериуми и во Законот за да се даде лиценца за негувател или воспитувач се многу спуштени. Може критериумите да ги подигнеме вештачки, но нема да постигнеме ништо. Затоа работиме на зголемување на квалитетот “, рече Царовска.
Таа кажа дека досега отвориле 11 нови градинки во руралните средини и дека до крајот на годината треба да бидат отворени вкупно 24. Според министерката, со проширување на просторниот капацитет се трудат бројот на деца во групите да биде од 20 до 25, а таму каде просторот тоа не го дозволува и во групите има по 30 и повеќе деца додаваат плус воспитувачка или негувателка, за да можат да обрнат внимание на сите деца.
Според неа, засега не може предучилишното образование да биде задолжително, бидејќи земјата нема доволно инфраструктурни капацитети секое дете да има пристап до градинка. Таа рече дека од договорот со Светска банка за услуги на локално ниво најголем дел од парите се за инфраструктура во детски градинки.
„Нашата идеја е 50 отсто повеќе деца да одат во градинките до крајот на нашиот мандатот. Со добро планирање и насочување на средствата за 10 години може да постигнеме сите деца да имаат пристап до передучилишно образование. Може и физичко лице да биде воспитувач, да добие лиценца и да воспитува во домашни услови. Работиме на тоа со Светска банка, каде ќе создадеме мали единици во соодветни просторни услови, кои не се градинка но да го добијат потребното образование. Центрите за ран детски развој, кои ги работиме со УНИЦЕФ, се проектирани за една година да се отворат 20. Тоа е четиричасовно воспитување. Оти за децата не е важно да преспијат во градинката, колку што е важно да имаат четиричасовно образование пред да тргнат во училиште, за да се стекнат со знаење, вештини и социјализација, која нѝ е потребна. Тоа е вториот модел кој го нудиме“, рече Царовска.
Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев кажа дека во клонот на градинката „Орце Николов“ во Карпош 3 ќе направат целосна реконструкција на кујната и пералната.
„Дополнително во наредниот период ќе ги реконструираме тоалетите на сите градинки и редовните активности за тековно оддржување на објектите. Во финална фаза е изградба на нова градинка во населбата Бардовци, бидејќи Бардовци и Злокуќани досега немаа никаква градинка. Во тек е опремување и дополнително градинка во ‘Мајски цвет’ во Тафталиџе два каде имавме проблем со капацитетот во финална фаза е градбата на нов дополнителен објект од 153 метри квадратни и четири нови занимални на дечињата. Бројот на запишани деца варира од населба во населба, но за 11 месеци колку што сум градоначалник имаме најмногу согласности за вработувања во детските градинки во Република Македонија за да има нормално оддржливо ниво на работа“, рече Богоев.
Е. БОЧВАРОСКА