ВО ГРЦИЈА НЕМА ЕНТУЗИЈАЗАМ ЗА МЕНУВАЊЕ НА ТАБЛИТЕ, КАЖА БУЈАР ОСМАНИ ПО СРЕДБАТА СО НИКОС ДЕНДИЈАС

    ВО ГРЦИЈА НЕМА ЕНТУЗИЈАЗАМ ЗА МЕНУВАЊЕ НА ТАБЛИТЕ, КАЖА БУЈАР ОСМАНИ ПО СРЕДБАТА СО НИКОС ДЕНДИЈАСДендијас ја пофали Македонија за последните промени на имиња на улици и институции (Фото: Ѓ. Личовски)

    Преспанскиот договор не се доведува во прашање со тоа што Грција не исполнува дел од своите обврски, како усвојување на трите меморандуми и промена на таблите, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи по средбата со својот грчки колега Никос Дендијас во Скопје. За промената на таблите, Дендијас ја префрлил вината на локалните власти.

    „Тоа се прашањата што јас ги покренав на средбата. Дендијас вели дека локалните власти не покажуваат ентузијазам за промена на таблите, но очекуваме во наредниот период да има решение за тоа. Што се однесува до меморандумите, тоа е техничко прашање за начинот на работа во грчкиот парламент и тие ќе ги усвојат во моментот кога ќе оценат дека е најсоодветно“, изјави Османи.

    Тој додаде дека Грција веќе ги исполнила најважните обврски од Преспанскиот договор, а тоа е поддршката за влез во НАТО и за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.

    „Меморандумите се прашање на секторска соработка. И кај нас има уште три-четири договори кои треба да се потпишат, но тоа не значи дека не го спроведуваме договорот. Задоволен сум од средбата и сега сум уште поголем оптимист дека нашите односи ќе се подобрат“, рече Османи.

    Дендијас ја пофали Македонија за последните конкретни чекори што ги направила во имплементацијата на договорот.

    „Имплементацијата се однесува на секое писмо, секоја буква. Со Османи разговаравме за промената на името на Археолошкиот музеј и на името на улицата на која што се наоѓа зградата на Министерството за надворешни работи. Таа табла со името на кралот Филип Втори беше поставена во некое друго време“, кажа Дендијас.

    Од неодамна се издаваат и личните карти и пасошите со уставното име на државата.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира