ВО КООРДИНИРАНА АКЦИЈА СО ФРАНЦУСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО, УАПСЕНИ ДВАЈЦА ПРИПАДНИЦИ НА ТЕРОРИСТИЧКАТА ИСИС ВО СКОПЈЕ, ЕДЕН ВО ФРАНЦИЈА

    ВО КООРДИНИРАНА АКЦИЈА СО ФРАНЦУСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО, УАПСЕНИ ДВАЈЦА ПРИПАДНИЦИ НА ТЕРОРИСТИЧКАТА ИСИС ВО СКОПЈЕ, ЕДЕН ВО ФРАНЦИЈАИ уапсениот во Франција е македонски државјан, како другите двајца од Скопје, се бореле во Сирија во 2014. (Фото: Архивска фотографија)

    Денеска рано изутрина, под раководство на обвинител за организиран криминал, уапсени се двајца припадници на терористичката органзиација Исламска држава-ИСИС, кои во 2014 се бореле во Сирија против меѓународните коалициски сили. Акцијата била синхронизирана со француската полиција, како резултат на повеќемесечна меѓународна и меѓуинституционална соработка.

    „Во акцијата во Скопје се лишени од слобода две лица, додека во Република Франција едно лице – македонски државјанин. Осомничените, во 2014 година ја напуштиле територијата на Македонија, по што пристигнале во Сирија, место кое било под вооружен судир помеѓу припадниците на Исламска држава-ИСИС и меѓународните коалициони сили. Од месец април до месец август 2014 година, како македонски државјани и граѓани, станувајќи припадници на терористичката организација Исламска држава-ИСИС учествувале во вооружените судири“, соопшти Обвинителството.

    Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против двајца македонски државјани за кои постои основано сомневање дека сториле по едно кривично дело – Служба во непријателска војска од чл. 322 ст.1 од Кривичниот законик.

    Осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје. Јавниот обвинител кој постапува во предметот ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување на мерката притвор за осомничените.

    „Исламска држава-ИСИС од страна на ООН е прогласена како терористичка организација и согласно одредбите во Кривичниот законик граѓанин на РСМ кој за време на војна или вооружен судир служи во непријателска војска или во други непријателски вооружени формации ќе се казни со затвор најмалку три години“, вели Обвинителството.

    По отслужувањето на затворските казни, овие повратници од ИСИС и нивните семејства влегуваат во програма за ресоцијализација. Некои приватни компании доброволно се пријавиле и да вработат некои од нив, под надзор на безбедносните органи, а невладини организации работат со семејствата, особено со децата кои се родиле на боиштата во Ирак и во Сирија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира