ВО М-НАВ СЕ ВРАБОТЕНИ СЕСТРАТА НА БУЈАР ОСМАНИ, СНАА НА АРТАН ГРУБИ И ВНУК НА ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ, ОБЈАВИ „КОД“

    ВО М-НАВ СЕ ВРАБОТЕНИ СЕСТРАТА НА БУЈАР ОСМАНИ, СНАА НА АРТАН ГРУБИ И ВНУК НА ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ, ОБЈАВИ „КОД“Истражувањето на „Код“ доаѓа откако премиерот Димитар Ковачевски кажа дека М-НАВ е станата како семејна фирма и дека таму се вработувале до трето колено. - Министрите Османи и Груби (Фото: СДК.МК)

    Во М-НАВ се вработени сестра на министерот за надворешни работи Бујар Османи, снаа на вицепремиерот Артан Груби и внук на министерот за земјоделие Љупчо Николовски, како и роднини на поранешни министри и пратеници, објави „Код“ на ТВ Телма.

    Истражувањето на „Код“ доаѓа откако премиерот Димитар Ковачевски кажа дека М-НАВ е станата како семејна фирма и дека таму се вработувале до трето колено.

    „Таму од поодамна е вработена сестрата на министерот за надворешни Бујар Османи, снаата на првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, снаата и синот на поранешниот пратеник на ДУИ Ејуп Аљими, внукот на советникот во М-НАВ Беким Незири, како и внукот на министерот за земјоделиe Љупчо Николовски. Извори во М-НАВ велат дека е вработен и внук на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши. Роднините на Николовски и Незири работата како помошници контролори , а во оператива работи и сестрата на Османи, останатите се во администрација“, објави „Код“.

    Османи на „Код“ им одговорил дека сестра му работи таму 15 години, а Николовски дека „станува збор за високостручен професионален кадар школуван во Јапонија, Кина, дипломиран на проблематиката каква што се бара на високорангиран универзитет во Словенија, со сите професионални капацитети за какви Република Северна Македонија треба да се бори да ги задржи“.

    „Код“ објави и детали од седницата на Влада од 9 јануари, кога на дневен ред беше разрешувањето на менаџментот на М-НАВ, по насилниот упад во зградата на Контролната кула на Скопскиот аеродром на 4 јануари.

    На седницата, двајца министри од ДУИ, Бујар Османи и Крешник Бектеши почнале да ја префрлаат вината на синдикатот, а на премиерот му сугерирале дека ако бидат сменети директорите во М-НАВ, тоа би било толкувано како попуштање на синдикатот на контролори на летање. Таквата дискусија била прекината од премиерот и други министри со образложение дека воопшто не станува за состојба која што би се толкувала како победа или пораз, туку за состојба која бара итна реакција поради воздушниот сообраќај и меѓународните обврски на државата.

    На седницата потоа беше разрешен директорот на М-НАВ и претседател на Управниот одбор, Фахрудин Хамиди, и на негово место беше назначен Хекуран Асани, кој работи како контролор на летање 20 години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира