ВО МАКЕДОНИЈА 445.000 ЛУЃЕ ЈАДАТ ЕДВАЈ ЕДНАШ ДНЕВНО

    ВО МАКЕДОНИЈА 445.000 ЛУЃЕ ЈАДАТ ЕДВАЈ ЕДНАШ ДНЕВНОДодека четвртина популација гладува, поради законски и дaночни пречки се фрла храна вредна 11 милиони евра, кажаа граѓански здруженија на состанокот со министерката Мила Царовска (Фото: МТСП)

    Oколу 445.000 граѓани имат проблем да обезбедат храна и во просек имаат по еден оброк во денот. Во исто време, се фрла помеѓу 4.500 и 6.500 тони храна, во вредност помеѓу 8 милиони и 11,6 милиони евра, која има потенцијал да нахрани околу 13.000 граѓани со три оброка дневно. Оваа анализа ја презентирале неколку граѓански здруженија на состанокот во Министерството за труд и социјална политика, на кој освен министерката Мила Царовска, присуствувале и  министерот за финансии, Драган Тевдовски, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

    „Причината за фрлање храна лежи во неколкуте законски пречки, како што се одговорност од несакани последици, но и даночните проблеми. Беше побарано да се воведе едноставна процедура за даночни поттикнувања за тие што ја донираат храната, да се подготви владина програма за поддршка на граѓанските организации кои би ја дистрибуирале храната, да се направи список на храна која може да се донира по поминувањето на нејзиниот рок“, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

    Претставниците на граѓанската коалиција за овозможување на донирањето на вишоците на храна „Ајде Македонија“, „Македонска платформа за борба против сиромаштија“, „Ретвитни оброк и Вистински дела на љубезност“, и надлежните институции договориле во идниот период да се формира работна група, за да се операционализираат мерки што би го овозможиле донирањето на вишоците храна и би им се помогнало на илјадници социјално загрозени граѓани.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира