ВО МАКЕДОНИЈА ЧЕТИРИ ЖЕНИ ДНЕВНО ДОБИВААТ ДИЈАГНОЗА РАК НА ДОЈКА

    ВО МАКЕДОНИЈА ЧЕТИРИ ЖЕНИ ДНЕВНО ДОБИВААТ ДИЈАГНОЗА РАК НА ДОЈКА„Се радуваме што ќе им се придружиме на оние што се борат со ракот или поддржуваат некој член на семејството, кој што се бори со оваа страшна болест„, рече Лора Браун, одговорна за односи со јавност од амбасадата на САД, која традиционално ја поддршува оваа акција. (Фото:Борка)

    Во Македонија лани се откриени 1.200 нови случаи на заболени од рак на дојка, или просечно четири жени дневно. Во последните 15 години, смртноста од канцерогени заболувања во Македонија пораснала за девет отсто, и Македонија е една од ретките земји во Европа, каде смртноста од канцер расте. Според бројот на смртни случаи Македонија е на трето место во Европа.

    Во недела ќе се оддржи деветата по ред розова прошетка „Напред розово“, која ја организира здружението за борба против ракот „Борка“, со поддршка од амбадсадата на САД. Со оваа прошетка, која ќе почне од плоштад Македонија,како што велат од „Борка“, сакаат да дадат поддршка на болните од рак на дојка и нивните семејства.

    Биба Додева, претседател на здружението за борба против ракот „Борка“, вели дека со овој настан сакаат да ја подигнат јавната свест дека ракот на дојка може да се излекува, ако се открие навреме, но и да ги потсетат надлежните дека дека треба да ги препознаат потребите на овие пациенти и да им ја обезбедат потребната поддршка.

    „Ракот е општествен проблем и ги охрабруваме надлежните институции, односно Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, јавните и приватните здравствени установи дека со соодветна грижа треба да им помогнат на пациентите заболени од овој тип на рак. Ракот треба да биде приоритет во здравствениот систем, и тоа без изговори“, рече Додева.

    Лора Браун, одговорна за односи со јавност во амбасадата на САД, рече дека американската амбасада со гордост ја поддржува оваа кампања и дека со тоа ги поддржува болните од рак на дојка.

    „Прошетката ‘Напред Розово’ е значаен настан, кој ги сплотува заедно луѓето од целата земја во солидарност против оваа страшна болест. Се радуваме што ќе им се придружиме на оние што се борат со ракот или поддржуваат некој член на семејството, кој што се бори со оваа болест. Се надеваме дека ќе ни се придружат многу граѓани“, рече Браун.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира