ВО ПЕТОК МУ ИСТЕКУВА ВРЕМЕНИОТ ПАСОШ НА ОРЦЕ КАМЧЕВ ШТО МУ ГО ДАДЕ КАТИЦА, ОД СУДОТ НЕ ПОБАРАЛ ДА МУ ГИ ВРАТИ ДВАТА РЕГУЛАРНИ

    ВО ПЕТОК МУ ИСТЕКУВА ВРЕМЕНИОТ ПАСОШ НА ОРЦЕ КАМЧЕВ ШТО МУ ГО ДАДЕ КАТИЦА, ОД СУДОТ НЕ ПОБАРАЛ ДА МУ ГИ ВРАТИ ДВАТА РЕГУЛАРНИНа прашање во Обвинителството дали знаат каде е Камчев, бидејќи неговото присуство и достапност е битно за два крупни предмети за висока корупција, велат дека тој е слободен граѓанин сè уште. - Катица Јанева; Орце Камчев (Фото: СДК.МК)

    Времената патна исправа што му ја даде Катица Јанева на главниот осомничен во истрагата „Империја“ Орце Камчев му истекува во петок. Двата регуларни, македонскиот и бугарскиот, му се во Основниот суд Скопје 1 и тој, како што ни изјавија официјално од судот, до денеска не побарал да му бидат вратени.

    На прашање во Обвинителството дали знаат каде е Камчев, бидејќи неговото присуство и достапност е битно за два крупни предмети за висока корупција, велат дека тој е слободен граѓанин сè уште.

    Камчев е главен сведок во „Рекет“, во делот кај што се обвинети Јанева и Бојан Јовановски дека го рекетирале за услуги од давање пасош, па до обид да се „испегла“ истрагата за да не одговара со затворска казна за перење милионски суми во „Империја“. Тој е иницијалната каписла, пријавителот на поткупот и без оглед на собраните материјални докази, според кои сепак не се најдени тие 1,5 милион евра што ги зел наводно од него Јовановски, тој треба со исказ пред судот сето тоа да го поткрепи.

    Од друга страна, истрагата „Империја“, каде што има докази дека е вршен организиран криминал од меѓународни размери, чека на продолжување. Сега тој случај е во Обвинителството за организиран криминал и корупција под шефицата Вилма Рускоска, која го води „Рекет“, каде главниот сведок е главен осомничен во „Империја“. Откако е распределен таму пред околу 2 месеца, нема никакви нови мерки за него за да треба судот и МВР да го проверуваат неговото движење, велат странките во двете постапки.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира