ВО ШТАБОТ НА ВМРО-ДПМНЕ СЕ РАСПРАВАА ЗА 200 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗЕМЕНИ ОД ПРОВИЗИЈА ШТО ТРЕБАЛО ДА ИМ СЕ ДАДАТ НА ДАМОВСКИ, ДУРЛОВСКИ И БЕТМЕН, СВЕДОЧИ НИНЏА НА СУДЕЊЕТО ЗА ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА 27 АПРИЛ

    ВО ШТАБОТ НА ВМРО-ДПМНЕ СЕ РАСПРАВАА ЗА 200 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗЕМЕНИ ОД ПРОВИЗИЈА ШТО ТРЕБАЛО ДА ИМ СЕ ДАДАТ НА ДАМОВСКИ, ДУРЛОВСКИ И БЕТМЕН, СВЕДОЧИ НИНЏА НА СУДЕЊЕТО ЗА ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА 27 АПРИЛАлександар Василевски-Нинџа на денешното судење за организаторите на нападот во Собранието на 27 април 2017 (Фото: К. Попов)

    Неправосилно осудениот Александар Василевски-Нинџа на почетокот на денешното сведочење за организаторите на нападот во Собранието на 27 април 2017 кажа дека поради исказот што го дал во истрагата и кој ќе го даде под заклетва и денес во судот, две години има закани по животот.

    „Пријавете ги тие закани во обвинителството, тука е обвинителката Вилма Русковска, таа ги води тие случаи”, му кажа судијата Иле Трпков.

    „Ги пријавив”, кажа Нинџа, кој работел во единицата за следење во Петтата управа на МВР.

    За главни организатори на нападот на Собранието се обвинети Трајко Вељаноски, Владимир Атанасовски, Спире Ристовски и Миле Јанакиески. Никола Груевски и Никола Бошкоски ќе бидат обвинети ако некогаш бидат достапни.

    „Пред парламентарните избори во декември 2016 година, пред Собранието имаше протести, зборуваа за т.н. Тиранска платформа, двојазичност… Александар Пандов, професорката Ачковска, Братислав Димитров , Никола Сребров, Тони Михајловски, Неделковски, Мирка. Тие добиваа насоки од Кирил Божиновски, Спире Ристовски и Миле Јанакиески да го палат народот“, почна Нинџа со сведочењето.

    Рече дека по победата на ВМРО-ДПМНЕ со 2 пратеника разлика славеле во хотел „Русија“, а присутни биле Ристовски, Јанакиески, Ивица Конески, Никола Бошковски-Прскач и Владимир Атанасовски, Никола Тодоров…

    „Но, почнаа приговорите и протестите поради приговорите на изборните резултати. Кирил Божиновски и Спире Ристовски ги координираа протестите, им даваа насоки на вработени во администрацијата, во градинките. Тие ги насочуваа демонстрантите да влезат насилно во зградата на ДИК, да не убиваат, ама да ги исплашат членовите на ДИК за да не одлучат во корист на приговорите на СДСМ. ДИК ги отфрли преговорите на СДСМ“, сведочеше Нинџа.

    Тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски, сега обвинет, Нинџа вели дека му ветил оти ќе го вработи на неопределено, откако победи ВМРО-ДПМНЕ.

    „Но, Груевски не направи влада. Штабот на ВМРО-ДПМНЕ измисли протести ‘За заедничка Македонија’ со фиктивни водачи да глумат пред народот дека се водачи. На повик на Кирил Божиновски и Владимир Атанасовски, отидов во штабот на ВМРО-ДПМНЕ заедно со Никола Бошкоски. Се расправаа за пари, земени од некоја провизија. Требало кај Божиновски да се дадат, за раководството на партијата, а ги зел Александар, портпарол или шеф на кабинетот, кој беше во просторијата. Александар молеше да му дадат време да ги соберат. Се работеше за 200 илјади евра. Парите беа за протестите и за водачите: Борис Дамовски, Бетмен и Игор Дурловски. Тие секој ден доаѓаа да добиваат инструкции што да му зборат на народот и каде да се движат. Со Дамовски доаѓаше жена Иванка“, кажа Нинџа.

    Рече и дека за масовноста на протестите бил задолжен Кирил Божиновски и секако, Спире Ристовски.

    „На протестите доаѓаа и луѓе на Оливер Спасовски, добивме задачи да ги следиме Лазе Велковски и Јовче Ременски. А на аналитичарот Алберт Муслиу, му влегоа тајно од УБК дома, му отклучија кога немаше никој, му ставија во домот видео-камера“, вели Нинџа.

    Во Кривичниот суд продолжува Нинџа со сведочење за денот на нападот во Собранието.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира