ВО СКОПЈЕ СТАВИВМЕ РЕД, СЕ ГРАДИ СО УСУЛ, НИКАДЕ НЕМА МЕГАЛОМАНСТВО И НАПАД НА УРБАНИЗАЦИЈА, КАЖА ЗАЕВ

    ВО СКОПЈЕ СТАВИВМЕ РЕД, СЕ ГРАДИ СО УСУЛ, НИКАДЕ НЕМА МЕГАЛОМАНСТВО И НАПАД НА УРБАНИЗАЦИЈА, КАЖА ЗАЕВПремиерот Заев вели Скопје се развива плански; - Згради во населбата Капиштец за кои дозволата за градба е дадена од актуелниот градоначалник на Центар Саша Богдановиќ и е предвидена со ревидиран ДУП. (Фото: СДСМ)

    Премиерот Зоран Заев смета дека во Скопје не се гради неплански и нема претерана урбанизација на центарот на градот, туку оваа Влада и градоначалниците направиле да се гради со усул и плански.

    На денешниот старт на градежните работи за изградба на мостот на улицата Љубљанска во Карпош 4, САКАМДАКАЖАМ.МК  го праша премиерот Заев како очекуваат да ја добијат довербата од граѓаните на претстојните локални избори, кога изминативе 5 години како централна власт и 4 години како локална власт ништо не сменија во однос на урбанистичките политики особено во главниот град. Во Скопје и понатаму згради никнуваат на секој чекор, се градат неплански, односно терасата од една зграда е залепена со прозорецот од станот на соседната зграда, не остана населба каде има индивидуално домување, секојa куќа стана зграда, а дозволија во срцето на Скопје кај „Холидеј ин“ да се градат 20-катници според Детален план кој e спротивен на Генералниот план. Со новиот Детален урбанистички план (ДУП) за Расадник на скопската Општина Кисела Вода, се предвидува изградба на околу 100 нови згради на последното големо зеленило во Скопје, на само 2 километри од центарот на градот, со што дополнително ќе се загрозат и онака лошите и нехумани услови за живеење во овој дел од општината. Со ДУП-от согласно стандардите за метри квадратни по жител, се предвидени 29.039 жители, што е исто како град со големина на Кочани или Кичево, но на неспоредливо многу помала површина.

    Власта на СДСМ не донесе ниту Закон за финансирање на Oпштините со што тие би добивале пари по други основи од централниот буџет, па нема да мора комуналиите да им се единствен начин на финансирање. Не донесоа ниту закони од областа на урбанизмот кои ќе го подобрат планирањето и градењето, ќе ги поправат аномалиите од законите на претходната власт. Оние кои ги предложија, како Законот за легализација на дивоградби и измените на Законот за просторно и урбанистичко планирање, беа лоши, предизвикаа големи реакции од граѓаните и урбанистите, па по притисокот на јавноста беа повлечени.

    Премиерот Заев одговори дека не се согласува со нашата констатација и дека во Скопје се гради со усул, нема мегаломанство и е ставен ред со Законот за урбанистичко планирање, па затоа очекува победа на изборите.

    „Донесовме нов Закон за урбанистичко планирање согласно укажувањата на граѓаните, каде паркирањето мора да се реши во рамките на парцелата и да има најмалку 20 отсто зелена површина. Скопје е поинаква приказна, затоа што мегаломанството застана во главниот град. Ние ветивме дека Скопје ќе продолжи да се гради, но се откажавме од мегаломанството. Во Скопје се гради со усул, се гради и на периферијата, во сите општини рамноправно оти не треба да го застанеме развојот на градот. Ако ги земете најцентралните општини Центар, Карпош и Аеродром не можете да кажете дека има мегаломанство, дека има навала и напад на урбанизација, затоа што тоа е спречено не само со волјата на градоначалниците туку и со Закон кој лимитира и габарит и висина. Сега ставивме ред во  Скопје“, рече Заев.

    На прашањето дека токму незадоволството на граѓаните доведе до појава на независни советнички листи во Град Скопје и скопските општини за претстојните избори, Заев рече дека тоа е демократија и дека за тоа се залагаат тие како партија.

    Локалните избори ќе се одржат на 17 октомври.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира