ВО СОБРАНИЕ ПРОДОЛЖУВААТ ИНТЕРВЈУАТА НА 57 ПРИЈАВЕНИ ЗА АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА ЗА ДА СЕ УТВРДАТ 7 КАНДИДАТИ

    ВО СОБРАНИЕ ПРОДОЛЖУВААТ ИНТЕРВЈУАТА НА 57 ПРИЈАВЕНИ ЗА АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА ЗА ДА СЕ УТВРДАТ 7 КАНДИДАТИНа собраниската Комисија за избори и именувања вчера беа интервјуирани 15 кандидати. (Фото: К. Попов)

    Продолжуваат интервјуата на кандидатите за претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) во собраниската Комисија за избори и именувања. Денеска, со почеток во 10 часот, своите визија и план за работа како можни кандидати за новиот состав на ДКСК треба да ја изнесат 14 кандидати. В среда треба да завршат интервјуата на пријавените 57 кандидати.

    Потоа собраниската Комисија за избори и именувања кога ќе ги утврди седуммината кандидати и ќе го достави списокот до Собранието кое на пленарна седница треба да ги гласа. За изборот на Комисијата треба да има двотретинско мнозинство (80).

    Поголемиот дел од кандидатите вчера не кажаа дали досега работеле на некои корупциски случаи и дали знаат дали каков корупциски скандал има помеѓу функционери. Прашања на кандидатите освен членовите на комисијата за избор, поставуваат и претставници од невладиниот сектор и новинари.

    Прва својата програма ја образложи Тања Алтанџиева, адвокат по професија и поранешен заменик министер за локална самоуправа и правда, како и поранешен член на Државната изборна комисија.

    „Го поздравувам начинот на донесување на овој закон. Вакво интервју сметам дека е шанса јавноста да ги види кој се кандидира. Сметам дека работата во Комисијата е голем предизвик, чест и храброст“, рече Алтанџиева.

    Таа смета дека отсуството на ДКСК е голем минус на Македонија оти корупцијата е рак рана на општеството.

    „Јавноста е сензитивна на степенот на корупција. Мој предизвик кога би била избрана, би била поставување на централно место на комисијата како фундамент, за соработка со институциите кои се занимаваат со корупција и откривање на било какви коруптивни дејства во институциите“, рече Алтанџиева.

    Алтанџиева рече дека иако порано била член на политичка партија, може да гарантира дека ќе работи професионално и непристрасно во сите случаи кои ќе ги работи ДКСК.

    На конкурсот е пријавен и обвинителот Златко Биковски, кој е еден од обвинителите против кого има дисциплинска постапка поради тоа што не постапил на 27 април 2017 година за организираниот напад на Собранието.

    Биковски рече дека во својата кариера работел на два големи случаи кои завршиле успешно, „Метастаза“ и „Калдрма“. Тој рече кога бил во Обвинителството за организиран криминал му се јавувале пратеници да прашуваат за некои предмети.

    На прашањето дали алармирал за можен конфликт на интереси кај неговиот поранешен надреден Јован Илиевски, кој беше во роднински врски со Сашо Мијалков и дали се обидел да алармира за некој случај на корупција, Биковски рече:

    „Каков бил професионалниот однос меѓу нив двајца не можам да коментирам, претпоставувам истите имале лични контакти како роднини, но и професионални како носители на функциите на кои биле. Не би се впуштил во претпоставки и шпекулации дали во тоа обвинителство имало некаква форма на судир на интерес помеѓу овие две лица“.

    Пратеникот Артан Груби реагираше до собраниските служби дека материјалите не биле преведени на албански јазик и побара кандидатите Албанци ако им е полесно за изразување да зборуваат на албански јазик.

    На собраниската Комисија за избори и именувања вчера беа интервјуирани 15 кандидати.

    Од пријавените 80 кандидати, 22 не ги исполниле условите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира