ВО ЦЕНТАР СЕ ИНТЕЛИГЕНТНИ, НЕ МОЖЕ ДА ПОМИНЕ ТОДОРОВИЌ, КОНСТАТИРААТ ЈАНКУЛОСКА И ЈАНАКИЕСКИ ВО БОМБИТЕ ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ НА „ТИТАНИК“

    ВО ЦЕНТАР СЕ ИНТЕЛИГЕНТНИ, НЕ МОЖЕ ДА ПОМИНЕ ТОДОРОВИЌ, КОНСТАТИРААТ ЈАНКУЛОСКА И ЈАНАКИЕСКИ ВО БОМБИТЕ ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ НА „ТИТАНИК“Судењето за „Титаник“ е во отсуство на избеганиот Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија. Од Шутка денеска се спроведени притворените Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. - Миле Јанакиески; Гордана Јанкулоска (Фото: СДК.МК)

    За време на вториот круг од локалните избори на 7.04.2013 година во Центар, според прислушуваните околу 1.000 разговори во рамки на предметот на СЈО „Титаник“ за изборни нерегуларности, непознат соговорник му поднесува извештај од терен на обвинетиот Миле Јанакиески, шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Миле, овој Шема се слика со 17 наши бабички со шамии“.

    „Е ако де, нека, се слика, ќе го објавиме на Фејсбук. Битно е вечер ќе славиме на Плоштад, а Игор-Шема колку сака нека се слика“, му вика Миле и го прашува, соговорникот: „Ти кај си бе?“.

    „Јас сум во МВР. Контролираме“, му одговара соговорникот.

    „Слабо контролирате. Стискај!“, му вели Јанакиески.

    Потоа беше пуштен разговор каде друг соговорник му се јавува на Миле и му дава отчет.

    „Гласавме: Бојан, Радмила, Стефан“, па ги наведува презимињата.

    Му се јавуваат и други, му кажуваат кои сè од дома им гласале, а Миле ги запишува по име, презиме и избирачко место и на крај им кажува „благодарам“.

    Судењето за „Титаник“ е во отсуство на избеганиот Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија. Од Шутка денеска се спроведени Јанакиески и Кирил Божиновски. Обвинети се уште и Мартин Протоѓер, Илија Димовски, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришковска и уште 14 лица од ВМРО-ДПМНЕ.

    Обвинетата Гордана Јанкулоска за Куманово, пак, му кажува план на Миле како да му ја земат победата на Циц од СДСМ.

    „10 избирачки места ќе поништиме за Куманово и да се фатат Албанциве за врат никој да не излезе у трет круг. Така да напраиме“, му вели таа.

    Констатираат дека кампањата на СДСМ за гласачите од Пустец, како и негативната кампања на ВМРО-ДПМНЕ против СДСМ и Жерновски во интелигентна средина каква што е Општина Центар, си дала негативен одраз во резултатите на нивниот кандидат Владимир Тодоровиќ.

    Гоца му цитира и твитови, му кажува, дека ги утепале центарци на Твитер, во корист на Жерновски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира