До петок треба да биде изготвен текстот на нацрт уставните амандмани и во нив ќе бидат инкорпорирани поголемиот дел од предлозите на осумтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои гласаа за почеток на уставните измени, кажа премиерот Зоран Заев по средбата во Собранието со осумтемина пратеници, кои формираа независна пратеничка група.
„Се договоривме да се формира парламентарно координативно тело за помирување во кое ќе членуваат тројца од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе ја води претседателот на Собранието Талат Џафери, ако прифати, а ќе членуваат и координаторите на пратеничките групи во Собранието“, изјави Заев.
За предложениот закон на ВМРО-ДПМНЕ за амнестирање на сите инволвирани во организираниот напад во Собранието на 27 април лани, Заев вели дека не е прифатлив, бидејќи, како што рече, се урнисува правната држава.
„Во телото на помирување треба да го најдеме националното помирување. Таму ќе членува и претставник на ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Заев.
Зеќир Рамчиловиќ, член на новата независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека поголемиот дел од нивните предлози биле прифатливи за Владата и се договориле веднаш откако ќе бидат изготвени нацрт уставните амандмани да им бидат доставени до пратеничката група за да ги разгледаат и да донесат одлука.
„Деновиве ќе поднесеме иницијатива за формирање вакво тело. Тоа е добар начин за надминување на поделбите“, рече Рамчиловиќ за телото за помирување, кое го најави Заев.
За предложениот закон за амнестија на ВМРО-ДПМНЕ, Рамчиловиќ рече дека го немаат видено, но кажа дека секој предлог кој придонесува за надминување на целокупната ситуација, треба да се разгледа.
Од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, „за“ почнување уставни измени гласаа пратениците Елизабета Канческа-Милевска, Емилија Александрова, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Нола Исмајлоска-Старова, Љубен Арнаудов, Зеќир Рамчиловиќ и Владанка Авировиќ.
Според писмото што оваа група пратеници го објави на 19 октомври пред седницата во Собранието на која се гласаѓе за почеток на уставни измени, тие предлагаат:
– Прифаќање амандман на Уставот со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет.
– Прифаќање одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека доколку Република Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евро-атлантските интеграции на Република Македонија, ќе има безусловно поништување на сите прифатени уставни амандмани што произлегуваат од имплементацијата на Договорот од Преспа
– Постепена промена на името за внатрешна употреба следејќи го процесот што води кон полноправно членство на РМ во ЕУ
– Прифаќање на иницијативата на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, искажана на 31. седница на – Собранието на Република Македонија на 15 октомври 2018 година за простување во врска со настаните на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија и сеопфатно национално помирување со формирање собраниско тело составено од координаторите на пратеничките групи, тројца пратеници и претседателот на Собранието, кои ќе изготват и предложат до Собранието план за национално помирување во рок од 30 дена.
Г. ТРПЕНОСКИ