Премиерот Зоран Заев кажа дека на 30 септември ќе донесеме одлука за нашата иднина како дел од семејството на ЕУ и НАТО, зборувајќи за референдумот за Договорот со Грција во илинденското обраќање во кумановско Пелинце. Тој ги повика граѓаните да излезат на референдумот, бидејќи, како што кажа, нема секогаш да добиваме шанси Македонија да биде еднаква со другите држави.
„Пред неколку дена го потврдивме датумот за референдумот, 30 септември. Тоа е денот на нашата нова историска одредница, денот кога ќе донесеме одлука за нашата иднина како дел од семејството на ЕУ и на најсилниот сојуз НАТО. Секој од нас поединечно ја има шансата да ја донесе оваа голема одлука. Сега е моментот. Државотворните народи препознаваат вакви историски моменти. Во вакви моменти не се седи дома, не се молчи, туку шансата треба да се зграби храбро, одлучно, достоинствено“, рече Заев.
Заев вели дека изборот на референдумот е помеѓу заробена држава, криминал, корумпирано судство, купени медиуми и политичка мафија, наспроти гарантирана стабилност и безбедност преку членство во НАТО, со признат и потврден идентитет, јазик и култура.
Според Заев, Договорот со Грција, историски гледано, е најдобрата и фер шанса за македонските граѓани, влог во македонската иднина што го расчисти патот за влез на Македонија во НАТО и почеток на преговори со ЕУ.
„Според членот 1, официјален јазик на нашата држава е македонскиот, јазикот е потврден, а идентитетот е зачуван, зачувано е и државјанството. Тоа ќе биде македонско, граѓани на Северна Македонија, ’мк‘ и ’мкд‘ се прифатени и остануваат меѓународно прифатливи кодови“, рече Заев.