ВО ВИЗБЕГОВО ЌЕ СЕ ГРАДИ НАСЕЛБА ЗА БЕЗДОМНИ, А НЕ КАМП ЗА МИГРАНТИ, ВМРО-ДПМНЕ ШИРИ ЛАЖНИ ВЕСТИ, ПОЈАСНИ МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКА

    ВО ВИЗБЕГОВО ЌЕ СЕ ГРАДИ НАСЕЛБА ЗА БЕЗДОМНИ, А НЕ КАМП ЗА МИГРАНТИ, ВМРО-ДПМНЕ ШИРИ ЛАЖНИ ВЕСТИ, ПОЈАСНИ МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКАВо типската населба од големи контејнери за сместување во Визбегово ќе бидат сместени семејствата кои останаа бездомни по уривањето на импровизираната ромска населба под Кале во Скопје во август 2016 (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во прифатниот центар во Визбегово ќе се гради населба за бездомните лица кои до неодамна живееја под Кале, а не камп за мигранти, соопшти министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Таа рече дека ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести оти во прифатниот центар во Визбегово ќе се градат бегалски кампови.

    „Ги повикувам граѓаните да не наседнуваат на лажните документи кои се споделуваат по социјалните мрежи. Вистината е следната: Во прифатниот центар во Визбегово ќе се гради населба за бездомните лица кои до неодамна живееја под Кале, а не камп за мигранти. Оваа одлука е усвоена уште пред една година со која Владата трајно ќе им се обезбеди дом на повеќе 80 лица кои живееја на улица. Очигледно, паниката кај ВМРО-ДПМНЕ е преголема па се спремни ваквите хумани решенија да ги злоупотребуваат. Повторно јасно порачуваме – бегалски кампови нема да се градат и бегалци нема да се населуваат во нашата земја“, објави попладнево Царовска на својот официјален профил на Фејсбук.

    И градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев денеска соопшти дека нема да има прифатен центар за странци во Карпош.

    „Општина Карпош, до овој момент, нема примено никаков допис во вид на Барање информации и податоци за доставување државна урбанистичко-планска документација за прифатен центар за странци во Бардовци, од страна на Агенцијата за планирање на просторот. Целосно ги демантираме информациите кои се пласираа на социјалните мрежи дека ваков прифатен центар ќе се гради во Бардовци. Општина Карпош исклучиво опстојува на определбата за плански развој на локалната самоуправа, а прифатниот центар за странци не е дел од планот за развој на Бардовци или на било кој друг дел од Карпош“, напиша Богоев на својот Фејсбук профил.

    Во типската населба од големи контејнери за сместување во Визбегово ќе бидат сместени семејствата кои останаа бездомни по уривањето на импровизираната ромска населба под Кале во Скопје во август 2016. За овој случај тогаш предмет отвори и Народниот правобранител, а Македонија доби тужба од Европскиот центар за заштита на Ромите со седиште во Будимпешта.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира