ВО ВТОРНИК КОМЕМОРАЦИЈА ЗА БИЛЈАНА БЕЛИЧАНЕЦ ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР

    ВО ВТОРНИК КОМЕМОРАЦИЈА ЗА БИЛЈАНА БЕЛИЧАНЕЦ ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР„Беличанец беше актерка со непроценлив талент, работна пожртвуваност и професионалност, и заслужено го имаше местото на првенец актер во Драмски“, вели нејзиниот матичен театар (Фото: Драмски театар)

    Комеморацијата за починатата актерка Билјана Беличанец ќе се одржи во вторник во 10 часот во нејзиниот матичен Драмски театар. Погребот ќе се изврши во вторник од 12 часот, на градските гробишта Бутел во Скопје, соопшти денеска Драмски театар.

    Скопската Општина Кисела Вода, чија градоначалничка Беличанец беше од 2013 до 2017, соопшти дека утре во 15 часот ќе се одржи комеморација во новоизградениот Дом на културата.

    Телото на актерката и ексградоначалничка на Општина Кисела Вода, која синоќа беше пронајдена мртва во својот дом, е предадено на обдукција во Судска медиција, соопштија  Основното јавно обвинителство (ОЈО) и  Министерството за внатрешени работи (МВР). МВР денеска издаде официјални информации за нејзината смрт.

    „На 6 април околу 22.30 часот, во полициската станица Центар, С. М. пријавил дека на улица Истарска во неговиот стан ја пронашол неговата сопруга Б. Б. А. (45) од Скопје, која си го одзела животот со бесење. Од страна на Итна медицинска помош е констатирана смрт. Извршен е увид, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено на Судска медицина за обдукција“, велат од МВР.

    Беличанец со Драган Спасов-Дац во сцена од „Кинегонда во Карлаленд“ (Фото: Драмски театар)

    Беличанец е родена на 25 јули 1973 во Скопје. Во 1994 дипломирала актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје и се вработила во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, од каде во 1997 преминува во Драмски театар Скопје.

    „Како актерка со непроценлив талент, работна пожртвуваност и професионалност, ги толкува главните улоги во пиесите и заслужено го зазема местото на првенец актер во Драмски“, вели нејзиниот матичен театар.

    „Љубовници“ од 2015 е нејзина последна претстава. На сцена со Зоран Љутков и Драган Спасов-Дац (Фото: Драмски театар)

    Во богатата кариера се забележани улогите како: Маргарет Флаерти („Заводникот   од   западниот   свет“, 1997); Сузана( „Свадбата на Фигаро“, 1998); Софија Јегоровна („Платонов“, 1999); Клариса де Бисоњози („Арлекин – слуга на двајца господари“, 1999); Кинегонда/ Газдарица на јавна куќа („Кандид во земјата на чудата“, 2000); Ерика Брукнер („Мефисто“, 2000); Маре („Тетовирани души“, 2001); Мувата Ѕунѕарка („Како се станува цар“, 2003); Дона Естрела („Што е тоа што ги тера жените навечер да трчаат по улиците на Мадрид“, 2004); Наталија Ивановна („Три сестри“, 2004); Ангустија („Домот на Бернарда Алба“, 2004); Хелен (Живчоек/Еveryman,  2004); Старицата („Демонот од Дебар Маало“, 2006); Донка („Македонски рулет“, 2007); Ана („Комшилук наопаку“, 2007); Велика („Сите лица на Петре М. Андреевски, 2008); Кинегонда/Малечката/ Службеничката  („Кинегонда во   Карлаленд“, 2009);  Цвета („Грев или шприцер“, 2011); Сара („Генетика на кучињата“, 2012); Ифигенија од Македонија („Архелаос или Еврипид се враќа дома“, 2012); Македонка („Последните Македонци“, 2012);  Ема („Љубовници“, 2015).

    Беличанец глумше и во филмот „Мајки“ (2010) на Милчо Манчевски и во ТВ-серијата „Од денес до утре“ (2010) на Иво Лауренчиќ.

    Беличанец со Зоран Љутков во сцена од „Грев или Шприцер“ (Фото: Драмски театар)

    Добитник е на голем број признанија, межу кои и награда „Трајко Чоревски“  за најдобар млад актер за улогата на Медеја во претставата „Медеја“ на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ (Прилеп, 1996); награда за најдобар млад актер на Фестивалот Мали и експериментални сцени   (МЕСС), за улогата на Ерика Брукнер во „Мефисто“  (Сараево, 2000);  награда за најдобро актерско остварување за улогата на Кинегонда во „Кинегонда во Карлаленд“ на МТФ „Војдан Чернодрински“  Прилеп (2009); награда за најдобро актерско остварување за улогата на Сара во „Генетика на кучињата“ на МТФ „Војдан Чернодрински”  (Прилеп, 2012).

    Глумеше во повеќе ТВ-проекти како „Здраво генијалци“ и натсихронизираше гласови во турски серии, од кои најмногу беше позната по улогата на Хурем во „Сулејман Величествениот“.

    Трајанка Илиева, Билјана Беличанец и Биљана Драгичевиќ-Пројковска во „Последните Македонци“ (Фото: Драмски театар)

    Двете деца и се од првиот брак со познат скопски стоматолог. Неодамна втор пат се омажи со режисерот Сашо Миленковски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира