ВО ЗАТВОРОТ „ИДРИЗОВО“ РЕШЕНИЕТО ЗА САМИЦА СЕ ЗАКАЧУВА НА ВРАТА ОДНАДВОР, ПА КАЗНЕТИОТ МОЖЕ ДА ПОДНЕСЕ ЖАЛБА ДУРИ ОТКАКО ЌЕ ИЗЛЕЗЕ

    ВО ЗАТВОРОТ „ИДРИЗОВО“ РЕШЕНИЕТО ЗА САМИЦА СЕ ЗАКАЧУВА НА ВРАТА ОДНАДВОР, ПА КАЗНЕТИОТ МОЖЕ ДА ПОДНЕСЕ ЖАЛБА ДУРИ ОТКАКО ЌЕ ИЗЛЕЗЕИста големина на соба некаде да има 12 лица и да паѓаат од трет кат од кревет, а некаде само две до три лица, во „Идризово“ се добива со мито. (архивска фотографија)

    Во затворот „Идризово“, од јануари до август биле изречени 324 дисциплински мерки кон осудените лица, од кои 196 самици, за кои казнетите немаат поднесено ниедна жалба. Решенијата за самица се прикачуваат на вратата однадвор, што практично значи дека казнетите затвореници со најстрога казна, ливчето ќе го видат дури откако ќе излезат.

    „Она што беше забележано, а особено загрижува, е малиот број на жалби кои се поднесени од страна на осудени лица на донесени решенија за изрекувања дисциплински мерки. Често пракса е осудените лица да ги немаат примено решенијата за изрекување дисциплинска мерка; на пример, доколку тие се наоѓаат во самица, решението е прикачено на вратата од самицата, а осудените лица успеваат да стапат во контакт со невладина организација, правник и/или адвокат откако ќе завршат со издржување на дисциплинската мерка“, вели Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи, кој и годинава беше во сите затвори во Македонија и нотираше нехумани услови, а поретко подобрувања од ланската состојба.

    Најголемиот проблем е затвореното одделение во пренатрупаниот затвор „Идризово“, со над 400 осудени лица, чии згради Хелсиншкиот комитет бара итно да се урнат, бидејќи тие не може да се реновираат, да се поправат.

    И покрај бројните забелешки и постојани меѓународни критики, во објектите „Зграда“ и „Амбуланта“ што го сочинуваат затвореното одделение на најголемата казнено-поправна установа КПД Идризово, не се забележани никакви позитивни промени.

    Осудените лица и понатаму издржуваат казна затвор во супстандардни услови, со високо ниво на влага, која во некои делови од установата достигнуваше дури 66 % од дозволен максимум од 50 %. Во објектот „Зграда“ во некои од собите се сместени по 10-12 лица во соби кои не ги задоволуваат стандардите ниту во поглед на големина ниту пак во поглед на материјални услови, влага и светлина.

    „Инсекти (тавтабити) и други инсекти се лесно забележливи по ѕидовите во установата, а осудените лица имаат бројни убоди по телото од нив. Тие спијат на кревети на 3 ката, па често се случува осудените лица што спијат на третиот кат да паднат додека спијат“, ја пренесува неверојатната слика за „Идризово“ Хелсиншкиот комитет.

    Но, во некои соби од овој  објект, има осудени лица што се ставени во поповолна положба, со тоа што во иста големина на соба издржуваат казна 2 или 3 лица во значително подобри услови за нив.

    Иста големина на соба некаде да има 12 лица и да паѓаат од трет кат од кревет, а некаде само две до три лица, во „Идризово“ се добива со мито. Некои сериозно заработуваат со корупција во овој затвор, особено преку најсуровите услови за престој, во затвореното одделение со осудениците со повеќегодишни затворски казни.

    „Корупцијата и митото се дел од животот на осудените лица кои за тоа редовно нè информираат, но под страв да не ги загубат своите права и погодности во установата, формално не сакаат да ги пријават овие случаи. Повремени акции од страна на државните органи со кои се откриваат недозволени предмети за кои стручната, но и генералната јавност се запознаени дека ги има во овие установи, се недоволни. Ножевите, острите предмети, мобилните телефони, дрогата и парите ќе ги има во казненопоправните установи сè додека одговорните лица не ја сносат одговорноста за тоа. Во спротивно, не само корупцијата, туку и насилството меѓу осудениците и насилството од страна на осудениците кон припадниците на затворската полиција ќе продолжи да биде честа пракса“, се вели во извештајот.

    Дел од лицата во затворот имаат долгови поврзани со употреба и набавка на дрога и психоактивни супстанции што резултираат со насилство, стрес и траума. Министерството за здравство место со навремен тендер да набави лекови за одвикнување и лечење од зависности, тоа не го прави, па зависниците нив ги набавуваат на црниот пазар во затворот, задолжувајќи се кај дилерите.

    „Добиени се информации за дрога во затворот (марихуана, хероин и кокаин), бупренорфин на илегален пазар, бензодијазепини, бариери за вклучување во третман со бупренорфин и прекин на лекување со бупренорфин без согласност на лицата, како и други лекови во затворот, тешка пристапност до лекар и психијатар. Недостигот на здравствен персонал придонесува за отсуство на редовни скрининзи за депресија, суицидалност и употреба на супстанции. Неопходно е да се обезбеди терапија бупренорфин за сите осуденици на кои им е потребна, со цел континуиран третман на осудените лица без прекини од кои било причини, вклучително и ненавремено спроведување постапка за тендер од Министерството за здравство. На овој начин ќе се спречи црниот пазар и ќе се влијае за намалување на насилството, стресот и другите психички и соматски последици“, вели Хелсиншкиот комитет.

    Проблемот со корупцијата дополнително се продлабочува бидејќи државата сè уште има пракса да поставува несоодветни кадри на раководни позиции без искуство и знаење да менаџираат со казненопоправните установи кои со својата работа можат да нанесат долготрајни последици на директна штета на осудените лица.

    „Така, најголемата казнено-поправна установа КПД Идризово беше и моментално е менаџирана од лица кои немаат никакво претходно искуство во затворскиот систем“, предупредува Комитетот.

    Директорите за казнено-поправните установи секогаш се дел од политичка поделба на ресори, меѓу коалиционите партии во Владата, па што им се падне на затворениците, тоа е.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира