Припадници на Армијата на Република Македонија(АРМ) и на Министерството за одбрана денеска излегоа на протест пред Владата, на кој побараа изедначување на нивните плати со оние на полицајците и на цариниците и поголемо вреднување на нивниот труд.
На протестот беа и војници кои се вратиле од јужната граница. Тие велат дека дневницата за теренската работа им е само 793 денари, додека за истиот ангажман припадниците на полицијата добиваат 1.200 денари.
„Војник добива 50 денари на секој поминат час. Зарем не е тоа срамота. Сега да застанеме на крстосниците, лево и десно од вас и еден час да миеме шофершајбни ќе заработиме 50 денари“, изјави претседателот на Синдикатот на одбраната и безбедноста, Ристо Ајтов.
Поминувајќи покрај Министерството за одбрана и Владата демонстрантите ги повикаа надлежните да излезат од канцелариите и да им објаснат како дозволиле војската да дојде до ова дереџе, да бара правда на улица. Тие велат дека најмногу очекувале од техничкиот премиер, Емил Димитриев, кој е поранешен заменик-министер за одбрана.
„Добро ги знаете нашите проблеми, добро знаете во каква ситуација се наоѓаат министерството и Армијата на Република Македонија“, рече Ајтов.
Од Министерството за одбрана во врска со протестот преку соопштение одговорија дека, министерството успеало „да ја зголеми дневницата за припадниците на армијата ангажирани на јужната граница за цели 30 отсто, што е голем исчекор напред“ и дека континуирано работат на унапредувањето на условите за работа и престој на јужната граница.
„Очекуваме во ваква сложена состојба, со предизвиците кои ги носи мигрантската криза, претставниците на синдикатите да ги увидат напорите кои ги прави Министерството за одбрана, да не подлегнуваат врз други влијанија и да не работат за туѓи интереси“, стои во соопштението од Министеството за одбрана.