Да се извршат вонредни инспекциски надзори во Клиничката болница „Жан Митрев“, побара министерот за здравство Беким Сали откако синоќа Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја објави истражувачката сторија за експериментално лекување на пациенти од ковид-19 со хемофилтрација, при што некои починале од интрахоспитални инфекции. Сали рече дека в среда пред јавноста ќе истапи со конкретни податоци од надзорите и дека во Македонија нема недопирливи луѓе ако се утврди одговорност.
„Пратен е допис до Државниот здравствен инспекторат веднаш да се направи вонреден инспекциски надозр во Клиничката болница ‘Жан Митрев’. Побарав информација од Инспекторатот дали во периодот во последните три години се спроведени редовни и вонредни надзори и кои се резултатите? Во истиот момент кога ќе ја добијам информацијата транспарентно ќе ја информираме јавноста“, рече министерот Сали.
Тој соопшти дека Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) иницираше вонреден инспекциски надзор за тоа дали е почитувана или не постапката за клиничко испитување на хемофилтрацијата како метод за лекување ковид-19. Според Сали, првичните сознанија укажуваат дека не е испочитувана, но рече дека ќе почекаат да се утврди фактичката состојба во болницата. Наодот ќе го имаат утре кога истекува рокот во кој треба да се изјаснат од „Жан Митрев“.
Пред Лекарската комора Министерството за здравство побара спороведување стручни надзори врз лекувањето на пациентите во „Жан Митрев“.
Министерот на денешната прес-конференција одби да одговара на новинарски прашања, образложувајќи дека соработката со медиумите продолжува и на сите ќе одговори в среда кога ќе ја има целата документација.
„Од извештајот очекувам неколку елементи како краен резултат, јасно утврдување на системски недоследности за кои одговорно тврдам дека сите кои се во моја надлежност како министер ќе ги исправам во најкус можен рок. Извештајот ќе ја констатира состојбата и лично јас ќе го доставам до надлежните институции за натамошно постапување. Семејствата на пациентите и јавноста заслужуваат да имаат транспаретни информации. Мојата одговорност како човек е ислулително голема да ги доставам и адресирам сите сознанија до кои ќе дојдам“, рече Сали.
Toj ја поздрави постапката на Скопското јавно обвинителство, кое по допрен глас отвори предмет за недозволеното експериментално лекување на пациенти во клиниката „Жан Митрев“ од Скопје.
Владата на денешната 61. седница го задолжи Министерството за здравство да ги разгледа детално информациите поврзани со објавената сторија на ИРЛ за Клиничката болница „Жан Митрев“, а поради големиот број реакции во јавноста, Министерството за здравство е задолжено да подготви и во рок од два дена до Владата да достави информација за овој случај.
Истражувачката документарна емисија „Нечиста крв“ на ИРЛ е базирана на сведочењето на семејство чиј член починал во приватната клиника откако добил повеќе интрахоспитални бактериски инфекции бидејќи бил подложен на хемофилтрација. Клиниката немала одобрение од МАЛМЕД за користење на оваа метода, иако болните од ковид биле ставени на експериментална процедура за лекување. На пациентите, ниту на семејствата не им било кажано дека се предмет на експеримент.
Истражувањето на ИРЛ се потпира на 24 пријави на граѓани од Македонија и од Косово, кои плаќале илјадници евра без да бидат известат дека се дел од медицинска студија.
Од ИРЛ велат дека по објавувањето на истражувањето, денеска добиле стотици нови пријави од граѓани, за болници и од приватното и од јавното здравство.
Денеска, од клиниката „Жан Митрев“ со соопштение ги негираа информациите во истражувањето и тврдат дека се невистинити.
Ж. ЗДРАВКОВСКА