ВООРУЖЕНАТА ПРЕСМЕТКА ВО КОЈА ЗАГИНА ЕДЕН, А ДВАЈЦА СЕ ТЕШКО ПОВРЕДЕНИ, ПОЧНА ПРЕД СЈО

    ВООРУЖЕНАТА ПРЕСМЕТКА ВО КОЈА ЗАГИНА ЕДЕН, А ДВАЈЦА СЕ ТЕШКО ПОВРЕДЕНИ, ПОЧНА ПРЕД СЈОИзрешетаното возило во кое беа загинатиот и повредените застана пред кафулињата на крстосницата на „Рузвелтова“ и „Орце Николов“. (Фото: СДК.МК)

    Криминалната пресметка во која ноќеска еден загина, а двајца се тешко повредени, почна пред објектот на СЈО на „Рузвелтова“ во Скопје, каде од автомобил во движење непознати лица со рафали пукаа во друг автомобил. Според она што можеше да се види од увидот на крим-техника, биле испукани над 30 куршуми.

    Возилото во кое се наоѓаа загинатиот и повредените било начекано веднаш по семафорите на крстосницата со „Партизанска“, по што бркотницата продолжила до наредната крстосница со „Орце Николов“, на 300 метри оддалеченост. Таму, изрешетаното возило преминало во спротивната лента и се судрило првин со едно возило кое случајно поминувало, а потоа и со друго паркирано возило пред кафулињата кои се наоѓаат во близина. Напаѓачите избегале.

    Вооружената пресметка почна пред објектот на СЈО, веднаш до крстосницата на „Рузвелтова“ и „Партизанска“. – Од увидот на полицијата (Фото: СДК.МК)

    Вооружената пресметка се случи околу еден часот по полноќ, кога се затвораат кафулињата во петок и фреквенцијата на луѓе и возила во тој дел на градот е поголема.

    Телото на загинатиот и повредените беа пренесени во Ургентен центар, каде дојдоа нивните роднини, а имаше и засилено полициско присуство. „Рузвелтова“ беше затворена за сообраќај од „Партизанска“ до „Орце Николов“, а блокирани беа и помалите споредни улички кон населбата Карпош 1.

    На возилото во кое се наоѓаа загинатиот и повредените се гледаат траги од куршуми. (Фото: СДК.МК)

    Од полицијата, која беше присутна во огромен број на местото на вооружената пресметка, сè уште нема официјална информација за убиството. Официјално, не е познат идентитетот ниту на настраданите, ниту на напаѓачите.

    М. ИЛИОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари