ВОЗДУХОТ Е ЕКСТРЕМНО ЛОШ, ОСТАНЕТЕ ДОМА, ПРЕПОРАЧА ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    ВОЗДУХОТ Е ЕКСТРЕМНО ЛОШ, ОСТАНЕТЕ ДОМА, ПРЕПОРАЧА ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕОд загадувањето посериозно може да настрадаат здравствено ранливите луѓе. (Фото: К. Попов)

    Останете дома ако не треба да излегувате, а возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност,  препорача денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Исто така, на граѓаните им се препорачува да останат дома или да го намалат физичкиот напор, особено на отворено, особено ако почувствуваат  симптоми како што се кашлица или болки во грлото.  Бремените жени треба да останат дома, вели ИЈЗ.

    Институтот вели дека според Европскиот индекс за квалитет на воздух (Европска агенција за животна средина – ЕЕА), моменталниот Индекс за квалитет на воздух се категоризира како:

    • Екстремно лош на мерните станици во Берово, Гостивар и Тетово поради зголемени концентрации на ПМ2.5 честички.
    • Како „многу лош” се класифицира воздухот во Струмица, Битола 2, Кичево поради зголемените концентрации на ПМ10 честички, додека во Ѓорче Петров поради зголемени концентрации на ПМ2.5 честички.
    • Во Скопје (Лисиче и Центар), Неготино и Прилеп како „лош” поради зголемените концентрации на ПМ10 честички, додека во Кочани и Гевгелија поради зголемени концентрации на ПМ2.5 честички.

    За здравјето на луѓето тоа  значи дека некои поединци од пошироката јавност може да доживеат здравствени ефекти, додека поединци кои припаѓаат на чувствителните групи, може да доживеат посериозни здравствени ефекти, вели ИЈЗ.

    Најчувствителни и под ризик се деца помлади од 5 години, постари граѓани (над 65-годишна возраст особено), бремените жени, лица со хронични заболувања (циркулаторни/кардиоваскуларни заболувања), пациенти со астма и ХОББ, дијабетичари, луѓе кои работат на отворено, социјално загрозени катеории граѓани и пушачи чиј ризик од сериозно срцево оптоварување се зголемува меѓу 3 и 4 пати. Оние со веќе постоечки респираторни проблеми се изложени на особен ризик.

    Иако помладите лица и децата над 5-годишна возраст не спаѓаат во високоризичните групи на население, тоа не значи дека и нивното здравје не мже да биде засегнато при краткотрајни изложености на високи концентрации на загадувачки материи.

    Оттаму, заради превенција на потенцијалните штетни здравствени ефекти на лебдечките честички кои во моментов драстично се зголемени, Институтот за јавно здравје препорачува:

    • Останете дома ако не треба да излегувате.
    • Останете дома или намалете го физичкиот напор, особен на отворено, особено ако почувствувате симптоми како што се кашлица или болки во грлото.
    • Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност.
    • Бремените жени треба да останат дома.
    • Луѓето со астма може ќе треба да го користат почесто инхалаторот. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност.
    • Лицата со хронични заболувања редовно да ја земаат терапијата, а по потреба, ако почувствуваат симптоми, веднаш да се јават кај својот матичен доктор или во болница.
    • Избегнувајте престој и активности на отворено (спорт, рекреација).
      Ова се однесува не само на чувствителните групи, туку и на децата и младите кои што повеќе време поминуваат надвор на отворено, и особено на лицата кои професионално се ангажирани и работат на отворено.
    • Носете заштитна маска со докажана ефикасност на отворено. Ефектот е двоен, и како заштита од лебдечките честички и од сезонските вируси (на грип, настинки, вклучително и ковид-19).
    • Не ги отворајте прозорците во вашиот дом.
    • Користете прочистувач на воздух без јонизатор (за особено чувствителните лица со астма, хронични заболувања – респираторни или циркулаторни заболувања и мали деца и бремени жени).

    „Секој што чувствува непријатности како што се зацрвенување или печење на очите, кашлица или болки во грлото треба да ја намали активноста, особено на отворено. Зајакнете го имунолошкиот систем. Јадете здрава храна со многу овошје и зеленчук.
    Посетете го вашиот матичен лекар или здравствена клиника ако не се чувствувате добро и имате какви било негативни ефекти од загадувањето на воздухот. Имајте предвид дека доколку во вашиот дом се загревате на дрва или некое фосилно гориво, вашата изложеност ќе биде значително повисока поради веројатно влошениот квалитет на воздухот во затворената просторија во која престојувате“, апелира Институтот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира