ЧЕТВОРИЦА СЛУЖБЕНИЦИ ВО АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19, В ПОНЕДЕЛНИК СЕ ТЕСТИРААТ СИТЕ ВРАБОТЕНИ

    ЧЕТВОРИЦА СЛУЖБЕНИЦИ ВО АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА ПОЗИТИВНИ НА  КОВИД-19, В ПОНЕДЕЛНИК СЕ ТЕСТИРААТ СИТЕ ВРАБОТЕНИПретседателката на Комисијата Билјана Ивановска вели дека во зградата сите вработени и избрани функционери ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус и оти таа в понеделник ќе оди на работа и сите ќе се тестираат. (Фото: СДК.МК)

    Четворица вработени од Секретаријатот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се позитивни на коронавирусот. Овие службени лица дознаваат дека се позитивни овие четири дена. Последниот резултат стигнал вчера, а епидемиолозите прават анкета со нив за контактите што ги имале на работа и дома и в понеделник ќе бидат тестирани сите вработени.

    Од понеделник, како што изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателката Билјана Ивановска, ќе се знае за кого од Секретаријатот и од членовите на Антикорупциската комисија, епидемиолозите ќе кажат да оди во самоизолација.

    „Ние присуството на вирусот во Секретаријатот сами го откривме практично, откако тестираше првин една службеничка, а потоа и колегите што биле со неа во непосреден контакт. Четворицата се позитивни. Можам да кажам дека во зградата се почитуваат заштитните мерки максимално. На конкретното прашање, ќе ви одговорам дека од она што гледам дека секој од нас почитува, не би требало никој од членовите на Комисијата да е заразен. Позитивните колеги немаат симптоми, немаат температура и болки, имаат лесна здравствена слика“, вели Ивановска.

    Таа вели дека членовите на ДКСК и вработените во секретаријатот се на различни катови. Ретките контакти меѓу сите луѓе во зградата биле на повеќе од 1,5 метар дистанца и со задолжително носење заштитни маски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира