ВРАБОТЕНИТЕ ВО МВР, АРМ, ЈСП И ГРАДИНКИТЕ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ СО РУСКАТА „СПУТНИК“

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО МВР, АРМ, ЈСП И ГРАДИНКИТЕ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ СО РУСКАТА „СПУТНИК“Денеска стигнаа 20 илјади дози од руските „спутник“ вакцини. (Фото: К. Попов)

    Со донацијата од Србија на 20 илјади вакцини „спутник“ ќе се вакцинираат вработени во Министерството за внатрешни работи, АРМ, новинари вработени во медиуми, вработени во обвинителство и судови, возачите на автобуси во ЈСП „Скопје“, пожарникарите, вработените воспитувачки во градинките и вработените на патарините, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче.

    Филипче и премиерот Зоран Заев денеска ја пречекаа новата пратка донација од Србија со 20 илјади руски вакцини, а ќе стигнат уште 20 илјади.

    Вакцинирањето ќе биде во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, каде има 48 позиции и се планира дневно да се вакцинираат по 5 илјади лица.

    Првично беше најавено дека оваа критична државна инфраструктура во земјава  дека ќе се вакцинира со 4.000 дози од стигнатите 24.000 од  „АстраЗенека“,  но таа одлука беше суспендирана откако Министерството за здравство одлучи дека нема да се дава на лица помлади од 60 години, следејќи ги искуствата на Германија и Канада.

    Масовната вакцинација со „АстраЗенека“ за лица над 77 години почна вчера во земјава, и вчера беа вакцинирани 730 граѓани.

    „Сега кога стигна оваа пратка, преостанатите околу 5.000 ги вклучуваме во веќе постојниот систем ширум здравствените домови за да се дополни бројката на постарите граѓани кои се веќе пријавени со тоа што што сега се проширува возрасната група. Вакцините ‘спутник’ во еден дел ќе бидатза  да се надополнат уште повеќе овие критични категории на граѓани, но и за почеток на оние категории кои веќе ги најавивме, согласно најавата дека ќе ја чекаме официјалната потврда од Европската агенција за лекови (ЕМА)  и нивното мислење дали на помлади лица може да се даде вакцината на ‘АстраЗенека’“, кажа Филипче.

    Во земјава досега се вакцинирани над 7 илјади граѓани со „Фајзер“, „спутник“ и „АстраЗенека“.

    Заев кажа дека досега има стигнато 78 илјади вакцини, од кои 48 илјади се од Србија. Во текот на април се очекуваат 25 илјади од Европската Унија, сите 200 илјади нарачани од Кина, како и следните од „спутник“.

    „Знаете дека имаме нарачно и 800 илјади од ‘Фајзер’ и 800 илјади од Ковакс-механизмот, во мај ги очекуваме поголемите количини. Синоќа донесовме одлука да нарачаме упте 500 илјади од  втората кинеска вакцина ‘Синовак’. Со тоа, ќе стигнеме до бројка од 2 милиони и 600 илјади вакцини за население од 1 милион и 300 илјади“, кажа Заев.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира