ВРАБОТЕНИТЕ ВО СЈО НЕ МОЖАТ ВЕЌЕ НИ СО ПРИСИЛНА НАПЛАТА ДА ЗЕМАТ ПЛАТИ

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО СЈО НЕ МОЖАТ ВЕЌЕ НИ СО ПРИСИЛНА НАПЛАТА ДА ЗЕМАТ ПЛАТИВработените во СЈО најавуваат дека ќе поднесат тужби за неисплатени плати, но и кривични пријави за одговорните лица и институции поради незаконската пренамена на буџетските средства за СЈО. (Фото: СДК.МК)

    Вработените во Специјалното јавно обвинителство не можат да ја земат декемвриската плата ниту со присилна наплата, како што правеа досега, бидејќи по разрешувањето на специјалната обвинителка Катица Јанева, нема овластен потписник на сметката на ова обвинителство. Во соопштението до медиумите, вработените велат дека проблемот настанал откако со амандман на Буџетот за 2020 финансиските средства потребни за работењето на СЈО беа пренаменети за Државната изборна комисија. Тие велат дека за 2020 година, за СЈО се предвидени само средства за плати, кои се изземени од присилно извршување.

    „Вработените во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) алармираат дека поради незаконското пренаменување на буџетот за СЈО за 2020 година од страна на Собранието на Република Северна Македонија што се случи кон крајот на минатата година, со што средствата беа адресирани на сметката на Државната изборна комисија, е генериран проблем со кој се повредени основните права кои произлегуваат од работен однос. Поради ова, близу сто вработени во СЈО повторно се оставени без плата, а со тоа и без здравствено осигурување. Имено, досегашните плати и тоа, октомвриската и ноемвриската плата, во отсуство на овластен потписник во СЈО, беа исплатени со присилно извршување од буџетот за минатата година преку Управата за јавни приходи. Сепак, проблемот настана кога се јави потреба од присилно извршување на декемвриската плата. Така, поради фактот што во буџетот на СЈО за 2020 година предвидени се финансиски средства само на ставката за плати, која ставка, согласно образложението на Министерството за финансии, е изземена од присилно извршување, не постои можност за присилна наплата на платите на вработените лица, што е апсурдна ситуација – да не може присилно да се изврши исплата на плати од ставката за плати од буџетот на СЈО“, се вели во соопштението.

    Вработените во СЈО имале средба со претставници на Министерството за финансии, а планирана е средба и со Јавниот обвинител Љубомир Јовески за надминување на проблемот. Тие апелираат надлежните државни институции во најбрз рок да го разрешат овој апсурден проблем во интерес и на владеењето на правото и во интерес на вработените кои не по своја вина се оставени во незавидна ситуација.

    Во спротивно, вработените најавуваат дека ќе поднесат тужби за неисплатени плати, но и кривични пријави за одговорните лица и институции поради незаконската пренамена на буџетските средства за СЈО.

    Вработените во СЈО сметаат дека со пренамената на средствата е направено флагрантно прекршување на законот, што повлекува и кривична одговорност имајќи предвид дека член 16 став 3 од Законот за СЈО пропишува дека Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Министерството за финансии и Собранието на Република Северна Македонија не можат да го менуваат финансискиот план од членот 13 став 2 и ќе го вградат во Буџетот на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

    „Ова особено ако се има предвид дека Законот за СЈО е во сила до 15 септември 2020 година, до кога и постои оваа институција. Се поставува прашањето доколку Министерството за финансии знаело дека има пречка за присилно извршување од ставката на плати и знаело за потребата од присилно извршување како начин на исплата на платите, зошто не алармирало за ваквата состојба и го прифатило ваквиот предлог буџет, односно амандман на истиот“, велат вработените во СЈО.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира