ВРАБОТЕНИТЕ ВО ВТОРОСТЕПЕНАТА КОМИСИЈА ЗА ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР 5 МЕСЕЦИ БЕЗ ПЛАТА И ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ, СОБРАНИЕТО УШТЕ НЕМА ИЗБРАНО НОВИ ЧЛЕНОВИ

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО ВТОРОСТЕПЕНАТА КОМИСИЈА ЗА ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР 5 МЕСЕЦИ БЕЗ ПЛАТА И ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ, СОБРАНИЕТО УШТЕ НЕМА ИЗБРАНО НОВИ ЧЛЕНОВИНа последната средба со новинарите на 31 јули претседателот на Собранието Талат Џафери кажа дека после одморите треба да се изберат членови на неколку второстепени комисии кои се без претседател и членови. Пратениците денеска се вратија на работа но до крајот на месецов на распоредот не е закажана седница на собраниска Комисија за избори и именувања (Фото: СДК.МК)

    Вработените во Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка пет месеци немаат земено плата, немаат здравствено осигурување, ниту средства за да работат, бидејќи Собранието сè уште нема избрано претседател и нови членови. Претходниот состав беше разрешен на 19 март и оттогаш уште не се избрани нови членови, па поради тоа нема кој да ги потпише платите ниту набавка на средства за работа.

    Во соопштението кое вработените го испратија до медиумите се вели дека Државната комисија е во комплетен застој, со што се засегнати и граѓаните чии постапки се водат по жалба пред оваа институција.

    „Сите вработени имаат кредитни обврски спрема банките и застој во исплата на платата веќе пет месеци, а можеби тоа ќе трае и повеќе месеци доколку Собранието не превземе мерки за избор на ново раководство. Здравственото осигурување за сите вработени истече на 30 април и со тоа од 1 мај не можеме да го оствариме правото на лекување и земање на лекови од аптеките. Во Државната комисија имаме неколку бремени жени, кои треба да се породат во септември и октомври, а немаат здравствено осигурување. Исто така, има и болни лица, чија состојба секојдневно се влошува од причина што немаат пари да ги набават на приватно своите лекови“, се вели во писмото испратено од вработените во Комисијата.

    Вработените наведуваат и дека немаат хартија за работење, принтерите и фотокопирите се запечатени, немаат вода за пиење, средства за чистење, дел од климите не функционираат, тоалетите се расипани.

    „Државната комисија нема платено струја 6 месеци. Прашање на време е кога ЕВН ќе ја исклучи и струјата во институцијава. Нема платено сметки за Интернет, сметки за одржување на хигиената. Телефоните се исклучени исто така поради неплатени сметки. Со еден збор Комисијата не функционира“, стои во писмото.

    На 4 мај од Собранието изјавиja дека сè додека не се направи избор на нови членови на Комисија никој не може да потпише за да се подели плата и да се платат другите режиски трошоци.

    „Постапката за избор на членови е во тек. Распишан беше конкурс, пријавени се кандидати, конкурсот е затворен. Сега се чека собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата да се состави и да се направи избор“, изјавија во мај од Собранието.

    Оттогаш поминаа три и пол месеци, а нови членови не се избрани.

    На последната средба со новинарите на 31 јули претседателот на Собранието Талат Џафери кажа дека после одморите треба да се изберат членови на неколку второстепени комисии кои се без претседател и членови.

    До денеска не е закажана седница на собраниска Комисија за избори и именувања со која претседава пратеникот Илија Димовски, кој од четвртокот е на судски рочишта како обвинет во предметот на СЈО „Титаник“. Седница на оваа Комисија не е на агендата на Собранието ни докрајот на овој месец.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира