ВРАБОТУВАМЕ СПОРЕД УСПЕХ, ВОЗРАСТ И СПЕЦИЈАЛНОСТ, ВЕЛАТ ОД ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА ПО ОБВИНУВАЊАТА ДЕКА ВРАБОТИЛЕ РОДНИНИ НА ФУНКЦИОНЕРИ ОД ДУИ И БЕСА

    ВРАБОТУВАМЕ СПОРЕД УСПЕХ, ВОЗРАСТ И СПЕЦИЈАЛНОСТ, ВЕЛАТ ОД ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА ПО ОБВИНУВАЊАТА ДЕКА ВРАБОТИЛЕ РОДНИНИ НА ФУНКЦИОНЕРИ ОД ДУИ И БЕСАОд Клиничката болница во Тетово не прецизираат што конкретно не е точно во наводите на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари (АСМЛ) оти при последното вработување на специјализанти во оваа здравствена установа не се одбрани најдобрите кандидати, туку привилегирани и во роднински врски со функционери од ДУИ и БЕСА (Фото: СДК.МК)

    Клиничка Болница Тетово тврди дека се дезинформации обвинувањата од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари (АСМЛ) оти при последното вработување на специјализанти во оваа здравствена установа не се одбрани најдобрите кандидати, туку привилегирани и во роднински врски со функционери од ДУИ и БЕСА. Од болницата, чиј директор е Флорин Бесими, велат дека имаат дискреционо право да извршат избор на најсоодветни кандидати за прием на специјализанти во интерес на болницата, кои во иднина ќе пружат квалитетни и ефикасни здравствени услуги за населението од Тетово.

    „Јавната здравствена установа (ЈЗУ) Клиничка Болница Тетово, работејќи согласно позитивните закони во РМ, пред да го распише огласот за вработување и пред да ја донесе одлуката за спроведување на јавен оглас, утврди дека се неопходни одредени специјалности на кандидати за непречено функционирање на болницата во корист на граѓаните на Република Македонија, бидејќи тие специјалности во болницата се дефицитарни за да истата биде ефикасна и функционална. ЈЗУ Клиничка Болница Тетово ги имаше во предвид сите критериуми при вработување и тоа: успехот на кандидатите, возраста на кандидатите, изјаснување на кандидатите за нивен избор на специјалност и статусот на кандидатот дали е специјализант“, велат од Клиничката болница во Тетово.

    Од тетовската болница не прецизираат што конкретно не е точно во наводите на АСМЛ.

    АСМЛ вчера на својата фејсбук страница објави листи од освоените бодови од стручниот испит за вработување што се полага при секој јавен оглас, како и ранг листа на лекари на специјализација кои се примени. Велат дека при приемот на лекари во Клиничкиот центар во Тетово не е водено сметка за ранг листата од освоените бодови од стручниот испит, ниту пак претходното работно искуство и бараат одговорност. Според коментарите на фејсбук страницата на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, според објавените листи се вработуваат лица кои се во роднинска врска со функционери на ДУИ и БЕСА. Еден од кандидатите кој е примен на државна специјализација воопшто го нема на ранг листата на оние кои го полагале стручниот испит за прием, велат од АСМЛ.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека при приемот на лекари во болниците одлучуваат самите болници, односно директори и дека независно од законските одредби тие треба да ги одберат најдобрите кандидати.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира