ВУЧИЌ УТРЕ ЌЕ НИ ПРАТИ ХЕЛИКОПТЕРИ ЗА ГАСНЕЊЕ НА ПОЖАРИТЕ, КАЖА ЗАЕВ

    ВУЧИЌ УТРЕ ЌЕ НИ ПРАТИ ХЕЛИКОПТЕРИ ЗА ГАСНЕЊЕ НА ПОЖАРИТЕ, КАЖА ЗАЕВПомош од соседните земји е најавена бидејќи „ер тракторите“ не можат да гасат пожари оти не се сервисирани ниту пак е избрана фирма. - Заев и Вучиќ на Економскиот самит во Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Србија утре наутро ќе ни прати хеликоптери за гасење на пожари, а помош најавила и Бугарија. Премиерот Зорав Заев вечерва во Кочани кажа дека имал телефонски разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој му најавил дека ќе испрати хеликоптери утре.

    „Претседателот Вучиќ рече ќе испрати два, три или четири хеликоптери, а помош најави и бугарскиот претседател Румен Радев. Помошта е потребна не само тука во Кочани, туку и во други региони низ земјава имаме пожари кои поради силниот ветер огнот се шири. Таков е случајот во Македонски Брод и делот меѓу Делчево и Пехчево“, рече премиерот Зоран Заев во Кочани каде вечерва пожарот кој стигна до градот е ставен под контрола.

    Помош од соседните земји е најавена бидејќи трите „ер трактори“ не можат да гасат пожари оти не се сервисирани, ниту пак е избрана фирма која ќе ги сервисира. Заев кажа дека утре Владата ќе се обиде да донесе одлука за брза набавка, бидејќи ситуацијата е итна и Бирото за јавни набавки ќе ја дозволи таквата набавка.

    Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев кажа дека во пожарот изгореле покриви на две куќи, а уште гори складот за дрва на ЈП „Македонски шуми“. Девет лица имале потешкотии со дишењето поради вдишување на чад, им била дадена лекарска помош и веќе се пуштени дома.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира