ЗА 4 ГОДИНИ ЗА 20 ОТСТО ПОМАЛКУ ДЕЦА СЕ ВАКЦИНИРАНИ ПРОТИВ МАЛИ СИПАНИЦИ ПОРАДИ АНТИВАКСЕРСКАТА ПРОПАГАНДА

    ЗА 4 ГОДИНИ ЗА 20 ОТСТО ПОМАЛКУ ДЕЦА СЕ ВАКЦИНИРАНИ ПРОТИВ МАЛИ СИПАНИЦИ ПОРАДИ АНТИВАКСЕРСКАТА ПРОПАГАНДАТрендот на намалување на опфатот на вакцинирани деца со првата доза од вакцината за мали сипаници почнува во 2014, кога почнува да расте и бројот на заболени (Фото: Графикон на УНИЦЕФ)

    Во последните 10 години регистрирани се најголем број заболени од мали сипаници, или 1.175 болни со стапка од 56,8 на 100.000 жители, а 895 лица или 76,1 отсто не биле вакцинирани. Ова го покажа последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен вчера. Во епидемијата со морбили која во Скопје беше прогласена на почетокот на годината, а потоа и во целата земја, од ова високозаразно заболување кое има тешки компликации, починаа три деца, кои според календарот за имунизација не подлежат на вакцинација или поради друго заболување не може да бидат вакцинирани.

    Директната врска на намалениот опфат на вакцинирани деца, особено со првата доза од вакцината која се прима по навршување на првата година, ја покажува графиконот што го изработи Канцеларијата на УНИЦЕф во земјава според податоците од ИЈЗ од 2013 досега. Според овие податоци, првата доза од вакцината МРП (Морбили, рубеола, паротит) ја примиле само 74,8 отсто од децата, а 93,8 отсто е опфатот со втората доза која ја примаат децата во прво одделение.

    Според овие податоци, трендот на намалување на опфатот на вакцинирани деца почнува од 2014. Така, во 2013 првата доза ја примиле 96,1 отсто од децата, а биле регистрирани само 4 заболени од мали сипаници, во 2014 опфатот паѓа на 93,3 отсто, а расте бројот на заболени од мали сипаници кога се регистрирани 107 заболени. До крајот на минатата година опфатот на вакцинирани деца до една година е 74,8 отсто, а вкупно се регистрирани 68 заболени, кога беше прогласена епидемија во Скопје, а од пред дваесетина дена епидемија беше прогласена во целата земја.

    Според податоците од ИЈЗ, најголем број на заболени се од возрасната група над 30 години, каде се регистрирани 504 болни, 200 деца на возраст до една година кои не подлежат на вакцинација и 202 деца на возраст од една до четири години. Од заболените деца од една до 4 години 88 отсто не биле вакцинирани. Од вкупниот број заболени во епидемијата 480 или над 40 отсто биле хоспитализирани, а кај 205 имало компликации од мали сипаници.

    „Најголем број компликации од мали сипаници се забележани кај децата на возраст до една година, или кај 54 деца, како и кај 43 деца на возраст од една до 4 години. Ова укажува дека оваа возрасна група е најзасегната и најподложна на компликации од болеста“, велат од ИЈЗ.

    Епидемиолозите и здравствените власти постојано апелираат да се вакцинираат децата и возрасните кои не се вакцинирани и преку колективниот имунитет да се заштитат токму децата кои не подлежат на вакцинација, како и децата кои поради нивната здравствена состојба не може да бидат вакцинирани.

    Од почетокот на епидемијата досега, во Скопје вкупно се вакцинирани 12.848 деца до 14-годишна возраст, а во останатиот дел од земјата 8.320 деца до 14-годишна возраст со прва или втора доза. Вкупниот број вакцинирани деца до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата земја е 21.168.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира