ЗА 40 ОТСТО СЕ ЗГОЛЕМИЛ БРОЈОТ НА ЛЕКУВАНИ ПАЦИЕНТИ СО ДЕПРЕСИЈА ВО ПОСЛЕДНИТЕ 5 ГОДИНИ

    ЗА 40 ОТСТО СЕ ЗГОЛЕМИЛ БРОЈОТ НА ЛЕКУВАНИ ПАЦИЕНТИ СО ДЕПРЕСИЈА ВО ПОСЛЕДНИТЕ 5 ГОДИНИДепресијата е втора водечка причина за смртност во светот кај возрасна популација од 15-29 години веднаш по сообраќајните несреќи.

    Хроничниот стрес е основниот иницијатор кој води до појава на депресија, психичка болест, која ако не се лекува може да заврши и со самоубиство. Д-р Антони Новотни, директор на Клиника за психијатрија и национален советник на СЗО за ментално здравје, вели дека треба да се урнат сите предрасуди и табуа за депресијата, бидејќи тоа не е болест од која треба да се срамиме, туку за која треба отворено да зборуваме.

    Тој објасни дека за појава на оваа болест, освен генетската предиспозиција на пациентот, влијаат и надворешните фактори, а долготрајната изложеност на стрес влијае болеста почесто да се јавува
    „Симптоми на депресија секој од нас имал во одреден период во животот, но не сите заболуваат од тешки форми на депресија, чие лекување потоа бара и психотерапија и медикаментозна терапија. Важно е да се каже дека депресијата се лекува, а таа може и да се превенира“, рече д-р Новотни, по повод Светскиот ден на здравјето 7 април, кој годинава Светската здравствена организација го одбележува под мотото “Депресија: Ајде да зборуваме“.

    Светската здравствена организација соопшти дека за десет години, поточно од 2005 до 2015 година на светско ниво бројот на пациенти со депресија пораснал за 18 отсто, и дека дури и во високо развиените земји 50 отсто од лицата со депресија не се лекуваат.
    „Секој петти човек развива симптоми на депресија, а 75 отсто од луѓето со голема депресија не се лекуваат. Четириесет милиони лица со депресивни нарушувања има во Европа, a 128.000 годишно извршуваат самоубиство. Оваа болест е втора водечка причина за смртност во светот кај возрасна популација од 15-29 години веднаш по сообраќајните несреќи“, рече д-р Новотни.

    Во Македонија, бројот на лекувани пациенти за пет години се зголемил за 37 отсто, односно во 2010 година регистрирани се 585 пациенти со депресија, од кои 196 мажи и 389 жени. Д-р Шабан Мемети, директор на Институтот за јавно здравје, рече дека во 2015 година овој број пораснал на 803 пациенти, од кои 257 мажи, а 546 жени.

    Депресијата предизвикува ментална болка, влијае на луѓето и им ја намалува способноста за извршување на секојдневните. Болните од депресија не можат да ги извршуваат своите професионални обврски, не може да функционираат во семејството, а во најлош случај може да доведе до самоубиство.
    „Повеќе од 80 проценти од лицата кои живеат со депресија се во земјите со низок и среден животен стандард“, рече Мемети.

    Д-р Елена Ќосевска, од Институтот за јавно здравје, рече дека СЗО дала препораки и мерки што може да ги преземе и општеството и секој поединец за да се намали бројот на болни, а дека како ранливи групи се одвоени адолесцентите, родилките и бремените жени, како и постарите лица.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира