Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, која е единствената партија што ќе се трка на парламентарните избори на петти јуни, нема да може веднаш да биде премиер. За да биде премиер, пратеникот Груевски, кој ќе победи во трката сам со себе, ќе треба да се распишат дополнителни избори во првата изборна единица, кај што е нејзин носител.
На листата во секоја од шесте изборни единици има по 20 кандидати за пратеници и во трката без конкуренција, ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата ќе ги освои сите 120 пратенички места во сите шест изборни единици. Кога ќе си даде оставка од пратеничката функција за да формира влада, пратеникот Груевски, кој е носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во Првата изборна единица, ќе ја остави листата со 19 пратеника. Изборниот законик вели дека во тој случај ќе треба пратеникот зад него да дојде на неговото место на листата. Но таа е ограничена на 20 и ќе остане упразнета за едно место. Нема други листи, нема други партии пријавени да учествуваат на изборите, нема албански партии, нема лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе победи, со кого да коалицира и да црпи министри од други пратенички листи.
Изборниот законик вели дека во таков случај ќе треба да се распишат дополнителни парламентарни избори за упразнетите места во два круга гласање.
Истото ќе се случи и ако победникот на еднопартиските избори на петти јуни, идниот мандатар Груевски, одлучи да ги искористи министрите за финансии Зоран Ставрески, за култура Елизабета Канческа – Милеска, за здравство Никола Тодоров, за труд и социјала Диме Спасов и за надворешни работи Никола Попоски, кои се на пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ. И тие кога ќе си поднесат оставки за да станат министри, ќе го остават новото Собрание со помалку пратеници, па и за нивните места ДИК исто така ќе треба да распише дополнителни парламентарни избори.
Резервни пратеници повеќе од 20, на листите нема. И тоа е јасно кажано во Законикот: “Поднесената листа на кандидати за пратеници содржи: број на изборна единица, назив на листата, име и симболот ако го има на подносителот на листата, име и презиме на носителот на листата, име и презиме на секој кандидат за пратеник и содржи онолку кандидати колку што се избираат во изборната единица.
За победникот во трката без конкуренција ќе има уште еден проблем со пратеничките листи, во случај идниот мандатар да има намера Канческа-Милевска или други пратенички да ги земе за министри и членови на новата Влада, бидејќи Изборниот законик и тука е јасен.
“Ако е жена пратеникот кој е избран од листата на кандидати, а на кого му престанал мандатот според еден од основите од овој законик, тогаш за остатокот од мандатот, пратеник на Собранието станува наредниот кандидат од листата жена“.
Со најновите измени во Законикот постигнати со посредство на белгискиот експерт Питер Ванхауте, 40 отсто во идниот парламент мора да бидат жени.
Никола Груевски во интервју за агенцијата „Франс прес“ изјави дека без оглед на на најавениот бојкот од сите партии во државата, избори на 5 јуни ќе има. Во интервју за истата агенција лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека избори на 5 јуни ќе нема.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто потврдил дека неговата партија е единствена од четирите големи партии која ќе учествува на изборите. Тој рекол: „Мојата партија ќе биде подготвена веднаш по формирањето на новото Собрание да се организираат дополнителни избори и да им се даде шанса на граѓаните да изберат. Сакаме заслужена победа“, рекол Груевски.