ЗА ДА ПРОРАБОТИ АКЦЕЛЕРАТОРОТ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ ТРЕБА ДА СЕ ДОПЛАТАТ 156.000 ЕВРА НА ВЕЌЕ ДОГОВОРЕНИТЕ 730.000 ОД ВРЕМЕТО НА МИНИСТЕРОТ ТОДОРОВ

    ЗА ДА ПРОРАБОТИ АКЦЕЛЕРАТОРОТ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ ТРЕБА ДА СЕ ДОПЛАТАТ 156.000 ЕВРА НА ВЕЌЕ ДОГОВОРЕНИТЕ 730.000 ОД ВРЕМЕТО НА МИНИСТЕРОТ ТОДОРОВКамен-темелникот на бункерот беше поставен за празникот 23 Октомври во 2016, на што присуствуваа поранешниот премиер Никола Груевски, кој тогаш беше само претседател на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи пред изборите имаше т.н. Пржинска влада и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров - (Фото: МИА)

    Бункерот за акцелераторот во Градската општа болница „8 Септември“ стои недограден скоро десет месеци. Влезот кон планираниот нов оддел за зрачна терапија во болницата, во делот кај амбулантите е маскиран со гипс картон и со жардињери за да не се гледа дека од таванот висат кабли. Бункерот за акцелераторот со самиот објект за прием на пациенти е изграден во дворот на болницата, каде порано имаше парк. Кон него се влегува и од страната на објектот на болницата што порано беше регрутен центар на ЈНА, а сега е под АРМ. Од самиот објект исто така висат кабли, а не е поврзан ниту на атмосферска канализација.

    Директорот на „8 Септември“ д-р Кристијан Костов одби да коментира зошто сѐ уште е недограден објектот и зошто уште не почнуваат со зрачна терапија. Тој вели дека и бункерот и акцелераторот се инвестиција од Министерството за здравство и дека сите проекти и договори се кај нив.

    Во делот кај амбулантите во болницата „8 Септември“ влезот кон бункерот е замаскиран со гипскартон и жардињери, за да не се гледа дека висат кабли и неповрзана електрична инсталација (Фото : СДК.МК)

    „Ова не е наш проект, туку на Министерството за здравство кој е почнат пред две години. Зошто и што се случува не знаеме, ниту пак можеме нешто да направиме додека официјално не ни го предадат“, вели Костов.

    Камен-темелникот на бункерот беше поставен за празникот 23 Октомври 2016, на што присуствуваа поранешниот премиер Никола Груевски, кој тогаш беше само претседател на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи пред изборите имаше т.н. Пржинска влада и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. Според податоците од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), договорот за изградба на бункер за линеарен акцелератор со пропратни содржини со изведувачот со друштвото за производство, градежништво, трговија и угостителски услуги  „АК-ИНВЕСТ“ од Тетово е склучен на трети октомври 2016, а вредноста на договорот е 44,98 милиони денари или 731.000 евра.

    Љупчо Балковски, директор на Проектната единица за капитални инвестиции во здравствениот систем при Министерството за здравство, вели дека за дополнителните градежни работи подготвиле анекс на првичниот договор со вредност од 9,6 милиони денари или 156 илјади евра.

    „Точно е дека во моментов не се работи и има застој, оти треба да се изведат дополнителни градежни активности. Првичниот договор за изградба на бункерот е склучен на 44,9 милиони денари, а за дополнителните активности со анексот е предвидено да се платат 9,6 милиони денари. Тука освен делот што го побара производителот на опремата во машинскиот дел предвидено е и партерно уредување на просторот по барање на болницата. Даден е рок се да биде завршено за три месеци“, вели Балковски.

    Тодоров при ставањето на камен-темелникот тогаш кажа дека акцелераторот за зрачна терапија за лицата со малигни заболувања е веќе набавен и дека таков бил редот на нештата, прво да се купи апаратот, а потоа според него да се планира и изградба на бункерот. Тој тогаш рече дека изградбата на бункерот ќе трае девет месеци, по што ќе почнат со монтирање на акцелераторот и по негова калибрација и одобрение од Агенцијата за радиациона сигурност ќе почнат со зрачна терапија.

    Со изградба на бункерот бил затворен главниот одвод за атмосферска канализација, па за да не се поплавуваат подрумите болницата со цевки го премостила одводот во шахта, а при градбата урнати се делови од столбовите за да може да влегуваат камионите (Фото: СДК.МК)

    Извори од болницата за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека се направени грешки при самото проектирање на објектот, односно дека не се водело сметка за тоа дека со него ќе се затвори главниот одвод за атмосферска канализација на болницата. Кога почнале градежните работи и кога бил затворен одводот за атмосферска канализација, при најмал дожд почнал да се поплавува подрумот во „8 Септември“. За да не се направи поголема штета во болницата, цевките за одвод на атмосферска вода се премостени во шахта за канализација.

     

    „Се менуваше проектот во машинскиот дел, бидејќи податоците од проектот за инсталациите не соодветствуваат со опремата што е набавена. Склучен е анекс на договорот и работите ќе бидат завршени до крајот на годината“, велат од Министерството за здравство (Фото: СДК.МК)

    Од Министерството за здравство велат дека имало застој во градежните работи за изградба на бункерот за акцелераторот поради грешки во првичниот проект во машинскиот дел, односно делот што се однесува на монтирање на набавената опрема.

    „Овој проект се реализира преку Проектната единица на Министерството за здравство. Застојот беше поради првично направен лош проект и тој требаше да се менува. Се менуваше проектот во машинскиот дел, бидејќи податоците од проектот за инсталациите не соодветствуваат со опремата што е набавена. Измените на проектот се направени. Анекс на договорот е направен. Фирмата го потпиша и до крајот на годината треба да завршат градежните работи. Работевме и на делот да се санира и проблемот со одводот за атмосферска канализација на болницата и тоа ќе биде завршено“, велат од Министерството за здравство.

     

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира