ЗА ДВА ДЕНА ОСУМ ПРИЈАВИ ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, ЧЕТИРИ ЛИЦА СЕ УАПСЕНИ

    ЗА ДВА ДЕНА ОСУМ ПРИЈАВИ ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, ЧЕТИРИ ЛИЦА СЕ УАПСЕНИОд МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите и по нивно целосно документирање, против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави. (Фото: СДК.МК)

    За два дена во Министерството за внатрешни работи се пријавени осум случаи на семејно насилство. Како што соопштија од МВР, четири лица се уапсени.

    Во билтенот на МВР стои дека на 20 март во 3:30 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода Е. Д. (23) од Струмица, постапувајќи по претходна пријава дека на 19 март во семејниот дом физички ја нападнал неговата 20-годишна сопруга. Истиот ден во 00:10 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода М. А. (23) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом на подрачјето Бит Пазар физички ја нападнал неговата 51-годишна мајка и ѝ нанел тешки телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

    На 19 март во 15 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го уапсија А. А. (44) од село Боговиње, постапувајќи по претходна пријава од неговиот роднина Ј. Џ. (50) дека подолго време му упатувал закани поради меѓусебни недоразбирања.

    На 19 март, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода К. П. (38) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во домот физички ја нападнал неговата 53-годишна вонбрачна партнерка.

    Истиот ден, 27-годишна жена од Скопје пријавила во СВР Скопје дека нејзиниот сопруг Т. П. физички ги напаѓал нивните две малолетници деца.

    На 19 март имало уште три пријави во СВР Скопје: 23-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг Б. Ф. повеќепати физички ја нападнал и психички ја малтретирал, 65-годишна жена пријавила дека последната недела нејзиниот син И. И. често ја вознемирувал и ѝ се заканувал, а 45-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг А. Б., со кого е во бракоразводна постапка, често ја вознемирувал, ѝ се заканувал и преку нивниот син се обидувал да дознае каде е сместена и каде се движи.

    Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите и по нивно целосно документирање, против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира