ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ИМА 25 ОТСТО ПОВЕЌЕ БОЛНИ ОД КОВИД В БОЛНИЦА, А 4 ПАТИ ПОВЕЌЕ СЕ НА МЕХАНИЧКА ВЕНТИЛАЦИЈА

    ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ИМА 25 ОТСТО ПОВЕЌЕ БОЛНИ ОД КОВИД В БОЛНИЦА, А 4 ПАТИ ПОВЕЌЕ СЕ НА МЕХАНИЧКА ВЕНТИЛАЦИЈАПовеќе од половина од хоспитализираните, односно 57 проценти, се на кислородна поддршка. (Фото: СДК.МК)

    Моментално со короновирус низ болниците во земјава лежат 439 лица или 25,1 процент повеќе во споредба со претходна недела, а од нив 251 се на кислородна поддршка (15,1% повеќе) и 26 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација што е четири пати повеќе во споредба со претходна седмица, се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 10 до 16 јануари. Повеќе од половина од хоспитализираните, односно 57 проценти, се на кислородна поддршка.

    Од Институтот велат дека во текот на минатата недела, односно од 10 до 16 јануари, вкупно биле пријавени 1.247 реинфекции што е зголемување од 31,8% во однос на претходната недела.

    Во периодот од 10 до 16 јануари бројот на тестирања се намалил, но се зголемил бројот на откриени позитивни случаи. Така, тестирани биле вкупно 45.401 материјали во лабораториите и забележано е намалување од 14,7% во однос на минатата недела. Но, регистрирани сe 11.123 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, што е зголемување од 33,9% во однос на споредбениот период. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Крушево.

    Меѓу заболените најзастапени се лица на возраст од 30 до 39 години со 23,8 отсто и од 20 до 29 години со 19,4 отсто. Најмал број е регистриран кај децата до девет години. Се забележува зголемување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи, најголемо кај лицата над 60 години – дури 99,6% и возрасната група од 50 до 59 години со зголемување од 90,3% во однос на претходната недела. Се регистрира минимално намалување на бројот на заболени кај возрасните групи од 20-29 (-4,3%) и 10-19 (-2,5%).

    Пријавени се 55 смртни случаи во 15 градови или за 34 проценти повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (22). Најголем број од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и од 50-59 години и тоа четири лица, 40-49 години две лица и еден починат на возраст меѓу 30-39 години.

    Од вкупно испитани 96 позитивни примероци на ковид-19, кај 57 од нив (59,4%) е детектирана омикрон варијантата. Ја има во седум градови: Скопје, Кавадарци, Тетово, Охрид, Кочани, Велес и Гевгелија.
    Во однос на кумулативната состојба во земјава заклучно со 16 јануари годинава, пријавени се вкупно 245.398 случаи на ковид-19. Најголем дел регистрирани во Скопје, Куманово, Прилеп, Тетово и Битола, додека највисок морталитет има во Прилеп, Охрид и Кавадарци. Највисок леталитет се регистрира во Струга, Крива Паланка, Дебар и Крушево.

    Регистрирано е намалување на инциденцата во Дојран, додека во останатите 34 градови се забележува зголемување. Највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители се регистрира во Кавадарци и Скопје, а најниска инциденца во Дебар.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира