ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ЗА 23 ОТСТО ЗГОЛЕМЕНА СТАПКАТА НА НОВОЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19, СМРТНОСТА ПОМАЛА ЗА 17.4 ОТСТО

    ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ЗА 23 ОТСТО ЗГОЛЕМЕНА СТАПКАТА НА НОВОЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19, СМРТНОСТА ПОМАЛА ЗА 17.4 ОТСТОЗа една недела за 20 отсто е зголемен бројот на хосптализирани во ковид-центрите. (Фото: К. Попов)

    Од 1 до 7 март регистрирани се 4.463 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 23 % во однос на минатата недела, вели Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (1.026, 23,0%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (895; 20,1%), 40-49 (803; 17,8%), 50-59 (778; 17,4%) и 20-29 (626; 14,0%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (104; 2,3%) и 10-19 години (231; 5,2%). Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 2.260 (50,6%) лица од женски и 2.203 (49,4%) од машки пол.

    Според неделниот извештај, од 1 до 7 март, тестирани се 21.090 материјали во лабораториите, со зголемување од 4,6% во однос на минатата недела.

    Премиерот Зоран Заев синоќа на официјалниот фејсбук профил објави дека земјава во моментов има платено 2.350.000 вакцини – 800.000 нарачани од „Фајзер“, 800.000 по Ковакс механизмот, 200.000 од „Синофарм“, 200.000 од „Спутник V“ и дополнително од ЕУ околу 250.000 вакцини.

    Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (2.160; 48,3%), со неделна инциденца – 349,7/100.000. Највисока неделна инциденца од 847,9/100.000 е регистрирана во Неготино (заедно со Демир Капија)

    Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 13,2 до 26,7%, или во просек 20,9%, 3% повеќе во споредба со минатата недела.

    ИЈЗ вели дека пријавени се 57 смртни случаи од 16 градови, 17,4% помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 50 лица биле над 60 години, 5 лица на возраст од 50-59 години и по едно лице од возрасните групи 30-39 и 40-49 години.

    По добиени 2 негативни теста за присуство на САРС-КоВ-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус оздравени се стекнале 3.895 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, зголемен за 2,2 пати во споредба со минатата недела.

    Досега во земјата се направени 548.210 тестирања на ковид-19. Вкупно ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата се 108.350, оздравени се 95.822, починати се 3.228, а активни случаи се 9.300.

    ИЈЗ наведува дека податоците  за симптоматологијата, коморбидитетите, одредени групи на случаи, контактите и импортираните случаи се однесуваат на анализите направени заклучно со 04 јануари. Во однос на симптоми кои се пријавени кај заболените, најчесто се регистрирани температура (68,8%), кашлица (40,8%), малаксаност (40,1%), ослабен осет за мирис и/или вкус (27,0%), главоболка (21,9%), мускулна болка (18,1%), болка во грло (14,1%) и отежнато дишење (9,8%).

    Од случаите кои се епидемиолошки истражени (72.129; 81,1%), кај 17.126 или 23,7% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето.

    Од случаите кои се епидемиолошки истражени (72.129; 81,1%), пријавени се 412 (1,8% од пријавените женски лица во фертилен период) случаи кај бремени жени, од кои 58 биле хоспитализирани во текот на болеста. Од вкупниот број на регистрирани бремени жени, 119 се асимптоматски случаи.

    Од случаите кои се епидемиолошки истражени (72.129; 81,1%), регистрирани се 3.439 (4,8%) случаи на заболување меѓу здравствени работници.

    Во однос на коморбидитети, од случаите кои се епидемиолошки истражени, кај 22.444 (31,0%) лица се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 15.323 лица имаат кардиоваскуларна болест, 5.842 дијабет, 3.256 се со хронична белодробна болест и 3.986 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 4.800 (63,3%) се присутни коморбидитети.

    Од случаите кои се епидемиолошки истражени (72.129; 81,1%), 1.029 (1,4%) се импортирани, од нив 11 се детектирани на точка на влез. Вкупно 23.054 лица (32,0%) имале контакт со веќе потврден случај на ковид-19 во државата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира